ЧЕХИНКАТА Е СЕРИОЗНА КОНКУРЕНТКА ЗА ТИТУЛАТА

Квитова ја „смачка“ Мугуруза, и Шарапова во „аут“

Двократната шампионка од Вимблдон, Петра Квитова се „промовираше" во една од конкурентките за титулата од УС опен, откако ја совлада актуелната шампионка од Вимблдон, Гарбиње Мугуруза во четвртото коло на турнирот

објавено: 4 септември 2017 - 08:30

Во еден од најзначајните мечеви по нејзиниот кам-бек по нападот во нејзиниот дом во Чешката Република  во декември, кога и беше повредена десната рака, Чехинката ги потсети сите зошто беше „сила“ во женскиот тенис со 7:6(3)/6:3 победа над првата фаворитка за титулата. Квитова призна дека била нервозна во последниот гем, во кој мораше да спаси три брејк-топки пред да стигне до победа.

„Тоа беше момент од соништата - да се вратам на големата сцена против најдобрите тенисерки на светот. Тоа ми беше голема мотивација пред враќањето“, вели 27-годишната Квитова, која само вторпат влегува во четврт-финалето на УС опен.

Следна за неа е 37-годишната ветеранка, Венус Вилијамс, која стигна до своето 39. гренд слем четврт-финале откако со 6:3/3:6/6:1 ја совлада 35. носителка Карла Суарез Наваро. Вилијамс оваа година веќе загуби во финалињата на Вимблдон и Австралискиот опен, и има само 1-4 скор против Квитова. Во 2011 на постарата сестра Вилијамс и беше дијагностициран Сјегрен синдромот.

 

Гренд слем кам-бекот заврши за Марија Шарапова со пораз во четвртото коло. Шампионката од 2006 година загуби со 5:7/6:4/6:2 од летонската 16. носителка Анастасија Севастова, која сега игра со Американката Слоун Стивенс, која со 6:3/3:6/6:1 беше подобра од Германката Јулија Гергес. Шарапова направи дури 51 неизнудена грешка во споредба со 14 на противничката, но имаше 42 директни победнички топки, двојно повеќе од Севастова.

„Можам да бидам задоволна од оваа недела. Патот беше одличен и мислам дека ќе биде уште подобро“, изјави Шарапова.

Кај мажите ждрепката сигурно ќе донесе прво гренд слем финале за еден од тенисерите. По победите во 4. коло, Пабло Карењо Буста ќе игра со Диего Шварцман, а Кевин Андерсон ќе игра со Американецот Сем Квереј. Андерсон го повтори најголемиот гренд слем успех со 6:4/6:3/6:7(4)/6:4 победа над Италијанецот Паоло Лоренци.

Карењо Буста, кој досега нема загубено сет на турнирот, ги заврши надежите на 18-годишниот Канаѓанец Денис Шаповалов со 7:6(2)/7:6(4)/7:6(3) победа. Шаповалов ќе беше најмладиот гренд слем четврт-финалист по Мајкл Ченг на Ролан Гарос во 1990 година.


УС ОПЕН - ФЛЕШИНГ МЕДОУЗ, ЊУЈОРК

МАЖИ, 4.КОЛО

(12) Карењо Буста (Шпа) - Шаповалов (Кан) 7:6(2)/7:6(4)/7:6(3)

(29) Шварцман (Арг) - (16) Пуј (Фра) 7:6(3)/7:5/2:6/6:2

(17) Квереј (САД) - (23) М.Зверев (Гер) 6:2/6:2/6:1

(28) Андерсон (ЈАР) - Лоренци (Ита) 6:4/6:3/6:7(4)/6:4

ЖЕНИ, 4.КОЛО

(13) Квитова (Чеш) - (3) Мугуруза (Шпа) 7:6(3)/6:3

(9) В.Вилијамс (САД) - Суарез Наваро (Шпа) 6:3/3:6/6:1

(16) Севастова (Лет) - Шарапова (Рус) 5:7/6:4/6:2

Стивенс (САД) - (30) Гергес (Гер) 6:3/3:6/6:1

Најново во Други спортови