ТУРНИРИТЕ ВО БИХ СЕ ИДЕАЛНИ ЗА ТЕМПИРАЊЕ НА ФОРМАТА

Македонските тенисери на босанска турнеја

Јотовски трите турнири во БиХ ќе ги искористи како последна подготовка за Медитеранските игри, додека Србљак, Дургути и Мицов за собирање на некој АТП поен и напредување на листата

објавено: 10 мај 2018 - 19:00

Најдоброрангираниот македонски тенисер, Томислав Јотовски, ги прави завршните подготовки пред заминувањето во Босна и Херцеговина, каде што ќе настапи на три турнири по ред, како генерална проба пред настапот на Медитеранските игри во Тарагона, кон крајот на јуни. Јотовски кој е на 528 место на АТП листата, од 14 мај ќе игра на Фјучрсот во Добој, за награден фонд од 15.000 долари, каде ќе биде еден од носителите и ќе има прилика да собере поени. Во квалификациите во сингл, ќе учествуваат тројца македонски тенисери, тоа се Горазд Србљак, Стефан Мицов и Бесир Дургути. 

Потоа од 21 мај, македонските тенисери ќе играат во Брчко, со тоа што Јотовски истотака ќе биде директно на главниот турнир, додека другите ќе мора да минат квалификации. Крајот на мај е резервиран за турнирот во Кисељак, по што нашиот рекет број 1, ќе почне подготовки за големиот спортски настан во Шпанија каде на голема сцена ќе ја претставува Македонија. 

Најново во Други спортови