СВЕТСКИОТ БРОЈ 1 ПОРАЗЕН „РАНО“ ВО МОНТЕ КАРЛО

Мареј загуби добиен меч, ново „домашно мачење“ за Ѓоковиќ

Светскиот број 1,доживеа шокантен пораз во третото коло на Мастерсот во „кнежеството“. Откако  „прокоцка" предност од 4:0 при 2:6/6:2/7:5, стигна поразот од Шпанецот Алберт Рамос-Вињолас.

објавено: 20 април 2017 - 20:30

Светскиот број 1, Енди Мареј, доживеа шокантен пораз во третото коло на Мастерсот во Монте Карло, откако Шкотланѓанецот „прокоцка" предност од 4:0 при 2:6/6:2/7:5, стигна поразот од Шпанецот Алберт Рамос-Вињолас, кој првпат во кариерата влегува во четвртфинале на Мастерс 1000 турнирите.

Мареј, за кого ова е прв турнир по „прескокнувањето" на Мастерсот во Мајами поради повреда на рамото, во второто коло имаше тесна победа над Жил Милер, а маките продолжија и против Рамос-Вињолас. 

Лош ден имаше и трикратниот гренд слем шампион, Стен Вавринка, кој со 6:4/6:4 беше поразен од Уругваецот Пабло Куевас, кој првпат во кариерата победува топ 4 тенисер. Вавринка ги загуби првите сервиси во двата сета, а во исто време не успеа да создаде ниту една брејк-шанса на сервис на Куевас, кој сега игра со Французинот Лукас Пуј.


За разлика од овие проблеми на фаворитите, деветкратниот шампион на турнирот, Рафаел Надал во фуриозен меч му го расипа 20-тиот роденден на Александер Зверев победувајќи го Германецот со 6:1/6:1. Шпанецот беше безмилосен против Зверев, кого многумина го сметаат за потенцијален иден светски број 1, а победата доаѓа откако Надал се намачи со него во пет сета на Австралискиот опен. Следен за Надал е Аргентинецот Диего Шварцман.
А во последниот меч од програмата, Новак Ѓоковиќ, „жител“ на Монте Карло, исто така имаше тежок тест. Но на крајот некако го совлада Шпанецот Пабло Карењо Буста со 6:2/4:6/6:4.

Најново во Други спортови