СО ПОБЕДАТА ВО ФИНАЛЕТО ВО ДВОЈКИ НА УС ОПЕН

Мартина Хингис со 25. гренд слем трофеј!

Мартина Хингис ја освои својата јубилејна 25. гренд слем титула во кариерата, откако заедно со Чен Јунг-Џа од Тајван ги победија со 6:3/6:2 Чехинките Луцие Храдецка и Катерина Синијакова за трофејот од УС опен

објавено: 10 септември 2017 - 21:00

Овој успех доаѓа само 24 часа откако Хингис ја освои титулата во мешани двојки на Флешинг Медоуз заедно со Британецот Џејми Мареј, со кого немаат пораз откако се заедно.

Хингис и Чен беа во целосна контрола на мечот и во ниту еден момент не им се закануваше брејк-шанса, а тие ги искористија своите три брејк-можности за да ја комплетираат победата за 64 минути.

Трофејот доаѓа 21 година откако таа ја освои првата голема титула во двојки на Вимблдон во 1996 година. Оттогаш Хингис освои пет гренд слем титули во сингл, седум во мешани двојки и 13 во двојки. Успехот на 36-годишната Швајцарка е уште поимпресивен бидејќи има разлика од 13 години пауза меѓу нејзината титула од Австралискиот опен во 2002 година и следната титула на Вимблдон во 2015.

Најново во Други спортови