СВЕТСКАТА ТЕНИСЕРКА БРОЈ 1 ЗНАЕ ДЕКА ЈА ЧЕКА ТЕЖОК ПЕРИОД

Мугуруза: Не е лесно да си број 1

Гарбиње Мугуруза беше подобра во својот прв меч како светска тенисерка број 1, откако со 6:4/6:0 ја победи Моника Пуиг за пласман во четврт-финалето на Пан-пацифик опен во Токио

објавено: 20 септември 2017 - 20:50

Шампионката од Вимблдон направи низа брејкови да поведе со 5:0 во вториот сет и да го заврши мечот со третиот ас.

Пуиг ја „уништи“ Мугуруза со 6:1/6:1 на Олимпијадата во Рио, така што ова е слатка одмазда за Шпанката, откако имаше нестабилен старт на сезоната. Следна за Мугуруза е Јапонката Куруми Нара или Французинката Каролине Гарсија. 24-годишната Шпанка призна дека би сакала да игра уште долго време, но не сакаше да ветува дека би играла како 46-годишната Кимико Дате Крум, која се пензионираше минатата недела.

„Не знам што ќе донесе иднината, но сакам да продолжам со тенисот. Како Кимико? Тешко можам да замислам да играм дотогаш. Таа имаше среќа што телото и издржа и што имаше мотивација да игра. За мене, сега почнува тешкото како светска тенисерка број 1. Спиев мирно, но имам многу работа пред мене“, изјави Мугуруза.

Најново во Други спортови