СКРОМНИ НАЈАВИ ОД ШПАНСКИОТ ТЕНИСЕР

Надал: Сакам пак да победувам, но...

Рафаел Надал во последните месеци повеќе беше на насловните страници поради пресадувањето на косата, отколку поради тенисот, но сега вели дека е подготвен за 2017

објавено: 5 декември 2016 - 22:30

Зборувајќи на шоу на неговиот спонзор „Томи Хилфигер“ во Мадрид, Шпанецот вели дека останува на тренинзи на Мајорка и нема да игра на ИПТЛ лигата во Азија за да биде поподготвен за новата сезона.

„Во овој момент сè оди како што треба. Подготвен сум за работа и нема проблеми. Играм во Абу Даби на 29 јануари, по што ќе одам во Бризбејн и на Австралискиот опен. Потоа календарот е отворен. Ќе видиме што ќе се случи. Во тенисот одлучувате каде ќе играте според тоа како се чувствувате. Засега целите се да се игра за победа и да се игра со среќа. Другото ќе видиме“, вели Надал.

Тој не сакаше да ја предвидува сезоната 2017, во која најверојатно ќе видиме нов дуел на Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј за првото место на АТП-листата,  кам-бек на Надал и Роџер Федерер, продолжување на низата на Хуан Мартин дел Потро, но и растот на новата генерација.

„Не знам што ќе се случи. Мареј имаше одличен втор дел на годината, но најопасни се тие кои немаат гренд слем титули - младите тенисери. Ова е ера на транзиција во која двете генерации се мешаат. Кога зборувам за младите играчи, мислам на тие кои имаат 19-20 години - Кокинакис, Зверев... Сите сме нервозни на теренот. Кој вели дека не е така, лаже“, додава Надал.

Најново во Други спортови