ЧЕХИНКАТА СО ДВЕ ПОБЕДИ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО

Плишкова игра како број 1

Првата носителка во Синсинати и светска тенисерка број 1, Каролина Плишкова имаше две победи за да се пласира во полуфиналето, каде што ја чека шампионката од Вимблдон, Гарбиње Мугуруза

објавено: 19 август 2017 - 09:00

Чехинката прво се намачи со италијанската квалификантка Камила Џорџи за 6:3/4:6/6:0, по што целосно доминираше против поранешната светска тенисерка број 1, Каролине Вознијацки зза 6:2/6:4 победа. Плишкова имаше 27 победнички топки и направи само 13 неизнудени грешки со што е на две победи од обрана на титулата.

„Имам доста мечеви против Гарбиње, и освен првиот сите ги имам добиено. Таа игра многу подобро оваа сезона и почнуваме од нула. Сепак, условите тука повеќе ми одговараат мене. Теренот е брз и ќе играме на топло“, вели Плишкова.

Мугуруза имаше драматична победа над Русинката Светлана Кузнецова од 6:2/5:7/7:5 за пласман меѓу најдобрите четири по 2 часа и 45 минути игра.

Американката Слоун Стивенс продолжи со солидната форма по кам-бекот на Вимблдон по 11 месеци во аут поради повреда на стапалото, победувајќи ја Русинката Екатерина Макарова со 2:6/6:3/6:4 за пласман во полуфиналето. Таму таа ќе игра со Германката Јулија Гергес, која ја изненади петтата носителка Елина Свитолина со 7:5/6:4.

Најново во Други спортови