СРБИНОТ Е ПОДГОТВЕН ЗА ПРВИОТ ГРЕНД-СЛЕМ

По шест месеци, Ноле се врати на терен и го згази противникот

Ѓоковиќ беше убедлив и со 6:1, 6:4 го победи Доминик Тим, кој е на петото место на АТП ранг листата

објавено: 10 јануари 2018 - 08:50

Точно 191 ден се чекаше за Новак Ѓоковиќ да се врати на тенискиот терен. Србинот играше на егзибицискиот меч на „Кујонг класик“ во Мелбурн, а противник му беше Доминик Тим. Популарниот Ноле покажа дека полека се враќа во старата форма, откако за само 64 минути го совлада моментно петиот тенисер во светот. 

Во првиот сет, Ѓоковиќ беше фуриозен и го доби за само 20 минути со 6:1. Успеа три пати да направи брејк, а имаше само три неизнудени грешки во овој дел од мечот. Со ваквата игра, Србинот покажа дека повредата на лактот веќе е минато.

Последниот меч Новак го имаше одиграно на гренд слем турнирот во Вимблдон минатата година, но сега со покажаното на дуелот против тенисерот кој е петти на светската АТП ранг листа, покажа дека ќе биде подготвен и ќе биде меѓу фаовиритите за освојување на Отвореното првенство на Австралија, на гренд слемот кој од 15 до 28 јануари ќе се игра во Мелбурн.

„Убаво е повторно да се биде на тенискиот терен и тоа во Австралија. Ова не беше лесен период за мене, бидејќи повредата е најтежок противник за секој спортист. Направив се што треба за да закрепнам. Поминаа шест месеци од мојот последен меч. Ова сега не беше официјален турнир, но сепак е меч и има резултат. Благодрарам на публиката“, рече Ѓоковиќ по победата над Тим.

Србинот сега е на 14 место на АТП листата, но сепак фактот дека зад себе има шест титули на Гренд слемот во Мелбурн, секогаш го прави еден од главните фаворити. 

 

Најново во Други спортови