ГОЛЕМ ЈУНАК Е НАШИОТ ТЕНИСЕР, НАЈАВИ КАМ-БЕК ВО ЈАНУАРИ

Приказна да се наежиш - Дарко Грнчаров е ИНСПИРАЦИЈА, преживеа кома и повторно ќе игра тенис

Приказната на Дарко Грнчаров е за вистински спортски херој, инспирација за сите, за јуначка битка во која и животот му беше на коцка, но со неверојатна упорност успеа да преживее период од 6-месечна кома и сега најави дека ќе продолжи да игра тенис. Го мина најтешкото по мозочниот удар, а кам-бекот го планира за во јануари, на турнирот во Рен, од Челенџер серијата

објавено: 22 ноември 2017 - 08:02

Приказната на Дарко Грнчаров е за вистински спортски херој, инспирација за сите, за јуначка битка во која и животот му беше на коцка, но со неверојатна упорност успеа да преживее период од 6-месечна кома и сега најави дека ќе продолжи да игра тенис. Го мина најтешкото по мозочниот удар, а кам-бекот го планира за во јануари, на турнирот во Рен, од Челенџер серијата.

„Се додека сум здрав ќе му се радувам на животот. Планирам да се вратам на тениските терени, а се надевам дека наскоро ќе се пробијам и меѓу најдобрите 100 тенисери на светот“, вели Дарко, за „metro.co.uk“.

Ретко кој веруваше дека Грнчаров, кој има 19 години ќе успее да направи ваков подвиг, откако лани при крајот на годината имаше мозочен удар. Падна во кома и цели 6 месеци животот му висеше на конец. Но, Дарко е вистински борец, потекнува од спортско семејство и за среќа и за радост на сите успеа да ги надмине тешките моменти. Татко му Никола е поранешен фудбалер, а на јавноста уште попознат е неговиот чичко Атанас Грнчаров, една од легендите на Вардар. Во род е и со Благоја Љамчевски, активен фудбалер и член на Пелистер, кој е сопруг на сестрата на Дарко, Елена Грнчарова.

Спортскиот дух му помогна на нашиот талентиран тенисер да ја забележи најголемата победа во животот.

„Во декември, лани, требаше да играм на турнир во Турција. Се подготвував сериозно, но тогаш ми се случи најтешкиот момент во животот. Претрпев мозочен удар на десната страна. Почуствував силна болка и потоа не се сеќавам што се случи. Следно што го паметам е будењето од кома по 6 месеци. Потоа се борев со разочарувањето, кога ми соопштија дека веројатно никогаш нема да можам да играм тенис. Не можев да се движам, а како машина да ми ја избриша целата меморија“, раскажува Дарко.

Поддршка за него стаса и од тенискиот свет, а за неговото здравје се молеа сите што го знаеја неговиот случај. Дарко пред да го претрпи ударот тренираше со познатите тениски ѕвезди, Виктор Троицки, Жил Симон, Робин Хасе...

Докторите му препорачаа мирување, за да не дојде до втор удар, а прогнозата беше дека рехабилитацијата ќе трае околу 5-7 години. Дарко го загуби слухот на десното уво, а во вакви случаи велат дека тоа е вистинско чудо.

„Велат дека при вакви случаи 99 посто се губи нешто. Јас сум среќен со оглед на околностите што немам видливи физички последици, а лекарите беа изненадени колку брзо успеав да закрепнам. Можев да го загубам животот и сега секој момент ми носи радост“, вели Дарко.

Идоли му се Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, а со надеж за добро здравје му посакуваме наскоро да одигра и тениски мечеви со своите идоли, на некој голем АТП турнир.

За сите останати Дарко Грнчаров и неговата приказна се вистинска животна инспирација.

Најново во Други спортови