ШПАНЕЦОТ СО ПОСЕБНА МОЖНОСТ ВО МОНТРЕАЛ

Рафа со полуфинале ќе биде број 1

Одличната сезона Рафа Надал може да ја „зачини" со првото место на АТП-листата доколку стигне барем до полуфиналето на Роџерс купот во Монтреал

објавено: 7 август 2017 - 21:40

Шпанецот последен пат беше светски број 1 во јули 2014 година, но оваа година со блескавиот кам-бек со 10. трофеј од Ролан Гарос и финалето на Австралискиот опен, покажа дека е во топ-форма. Сепак, Надал е внимателен, посебно бидејќи на патот до полуфиналето може да му застанат домашниот фаворит Милош Раонич, Американецот Џон Изнер и секогаш опасниот Хуан Мартин дел Потро.

„Во моментов воопшто не размислувам за тоа. Се обидувам да ги имам вистинските подготовки за турнирот и тоа е најдобриот пристап. Ќе се обидам да играм на истиот начин како во првиот дел од сезоната и ако тоа се случи, тогаш е ОК“, вели Надал.

31-годишниот Шпанец вели дека причината поради која тој и 35-годишниот Федерер се во добра форма не се должи само на нивното добро здравје, туку и на страста кон тенисот.

„Го сакаме тоа што го правиме. Имаме страст за натпреварување и за тенис и тоа помага да се биде професионалец на теренот. Кога си здрав, лесно е да играш долго. Менталниот аспект воопшто не е тежок кога го сакаш спортот“, додава Шпанецот.

Најново во Други спортови