РОЏЕР ФЕДЕРЕР ИСКРЕНО:

Рангот ме интересира само ако е прво место

Еден од најдобрите играчи на сите времиња вели дека нема да го менува својот распоред како би „бркал" што подобар ранкинг на АТП листата...

објавено: 19 март 2017 - 11:30

Роџер Федерер се пласираше во финалето на турнирот во Индијан велс, а оваа сезоан веќе има и Грен слем титула од Мелбурн. На оној наредниот, во Мајами, ќе го нема Енди Мареј, и веројатно Новак Ѓоковиќ, па многумина сметаат дека Швајцарецот може повторно да го нападне првото место на АТП листата.

„Со оглед на тоа дека нема да играм многу, веројатно би морал да освојам уште еден Грен слем турнир како би се случило тоа. Постои можност, особено што играм добро и надвор од тие турнири. Но, можеби ни уште еден Грен слем нема да биде доволен. Сигурен сум дека тие ќе се вратат на високо ниво и повторно ќе освојуваат турнири"- рече Федерер после победата над Џек Сок и додаде:
„Мојот распоред не го менува фактот дека Новак можеби нема да игра, и што Енди нема да биде таму, а јас сум во финалето овде. Далеку е тоа. Би сакал да бидам број еден повторно. Но ништо освен бројот еден не ме интересира, па затоа и ранкингот не е приоритет. Сакам само да бидам здрав, да уживам на турнирите и да се обидам да победувам".

Во текот на својата кариера Роџер Федерер беше 302 недели на првото место на АТП листата, а моментално е на десетата.
А во финалето кое е закажано за вечерва од 21.часот, ќе игра со сонародникот Стен Вавринка. Има доста подобар скор од него затоа што на 22 средби славел дури на 19 од нив.

„Многу од тие мечеви одигравме кога јас бев број еден, голем фаворит, а тој околу позицијата 30, и играч кој бараше резултати, најмногу на песок. Последните години одигравме доста 'густи' мечеви, а тој беше во состојба да доминира во текот на еден или два сета на побрза подлога. Тој е актуелен освојувач на УС опен, и е се подобар на побрзите подлоги. Мислам дека одлично работи на преминот од одбрана во напад, а го поправи и својот сервис. Колку е подолго на турнирот, толку неговата самодоверба се повеќе расте, и е потешко да го сопреш. Сепак, напаѓачката игра е во мојата ДНК и некогаш можеби можам малку да го забрзам затоа што тој е играч на кој му треба повеќе време".

На овој дуел Федерер се бори за својата 90. титула во кариерата.

 

Најново во Други спортови