ВЕСНИНА ЈА ПРОДОЛЖИ ПОБЕДНИЧКАТА СЕРИЈА

Руско финале во Индијан Велс!

Елена Веснина ја продолжи својата одлична форма со 6:3/6:4 победа над Кристина Младенович за во финалето на Индијан Велс да се сретне со својата руска сонародничка Светлана Кузнецова, која во тежок меч со 7:6(5)/7:6(2) беше подобра од третата носителка Каролина Плишкова

објавено: 18 март 2017 - 08:50

Двете тенисерки добро се познаваат, и имаат скор 1-1, иако се немаат сретнато речиси три години.

„Колешки сме од мојата 12-та година! Одлично е што на вака голем турнир има руско финале. Среќна сум што на Елена конечно и тргна формата и ќе треба да бидам многу силна ако сакам да победам“, вели Кузнецова.

Веснина на турнирот ги победи светската тенисерка број 2, Анџелике Кербер, но и американската ветеранка Венус Вилијамс. Таа поведе со 5:0 против Младенович, но Французинката не се откажа борејќи се до крај во мечот од 1 час и 42 минути.

„Беше тесно во финишот бидејќи Кристина почна да игра без страв. Тешко е да се добијат вакви мечеви“, вели Веснина.

Кузнецова, која е осма носителка, одигра час и 55 минути против Плишкова за да го обезбеди своето 40. ВТА-финале и трето во Индијан Велс, откако загуби во финалињата во 2007 и 2008.

Кај мажите имаше само еден меч, во кој домашниот тенисер Џек Сок го изненади четвртиот носител Кеи Нишикори со 6:3/2:6/6:2. Сок во полуфиналето игра со Роџер Федерер, додека во другото полуфинале ќе се сретнат Стен Вавринка и Шпанецот Пабло Карењо Буста.

АТП, БНП ПАРИБАС ОПЕН - ИНДИЈАН ВЕЛС, 1/4 ФИНАЛЕ

(17) Сок (САД) - (4) Нишикори (Јап) 6:3/2:6/6:2

(9) Федерер (Шва) - (15) Кирјиос (Авс) пред.

ВТА, БНП ПАРИБАС ОПЕН - ИНДИЈАН ВЕЛС, 1/2 ФИНАЛЕ

(8) Кузнецова (Рус) - (3) Кар.Плишкова (Чеш) 7:6(5)/7:6(2)

(14) Веснина (Рус) - (28) Младенович (Фра) 6:3/6:4

Најново во Други спортови