НА СРПСКИОТ ТЕНИСЕР МУ Е ПОТРЕБНА ПАУЗА МЕЃУ 6 И 12 НЕДЕЛИ

Толку беше од Ѓоковиќ, нема да игра на УС Опен

Докторот Здеслав Миленковиќ тврди дека Ноле нема да игра на последниот гренд-слем турнир

објавено: 24 јули 2017 - 14:45

Новак Ѓоковиќ ќе мора да оди на подолга пауза, поради која ќе го пропушти последниот гренд-слем турнир за оваа сезона, Отвореното првенство на САД. Ова го потврди докторот Здеслав Миленковиќ, кој ги направи прегледите врз српскиот тенисер. 

„Ноле мора да мирува меѓу шест и 12 недели. Тој има коскена модрица, која е создадена од премногу играње тенис. Не паузираше колку што требаше. Тој е таков, сака да стисне заби и да игра, иако повредата беше сериозна“, вели докторот Миленковиќ.

Поради повреда на раката, Ѓоковиќ беше принуден да го предаде мечот во четвртфиналето против Томаш Бердих, на Вимблдон. 

„Добро е што го предаде мечот на Вимблдон, бидејќи на тој начин избегна преопроварување на соседните зглобови. Многу е важно што сега реши да посвети повеќе време на паузирање и рехабилитација“, додаде докторот Миленковиќ.

Освен гренд-слемот во САД, Ѓоковиќ ќе го пропушти и полуфиналето во Светската лига против Франција. Можно е Ноле да паузира и до крајот на годината, бидејќи се работи за повреда која подолго време му создава проблеми на играчот кој беше број 1 во светот. 

Најново во Други спортови