ОВА ВЕЌЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ САМО НЕСРЕЌНИ СЛУЧАИ

Зошто младите велосипедисти од Белгија умираат од срцев удар

Тројца млади велосипедисти од ист тим ќе починат од срцев удар

објавено: 14 април 2018 - 16:35

Кога млад човек ќе почине од срцев удар, тоа е вистински шок. Кога поради срцев удар ќе почине спортист, тоа е причина за длабока анализа. Кога, пак, во рамките на еден ист тим има три случаи на срцев удар со смртни последици, тоа е многу повеќе од случајност или игра на судбината.

Веранда Вилемс-Крелан е белгиски велосипедски тим формиран во 2013 година. Стана познат во јавноста во последната недела, откако се појави информацијата за смртта на нивниот 23-годишен член, Михаел Гулартс, кој почина како резултат на срцев напад за време на настапот на трката Париз-Рубе. Откако колабираше за време на трката, Гулартс бил итно пренесен во болницата во Лил, каде почина само неколку часа подоцна. Младиот велосипедист паднал за време на вториот дел од етапата, лекарската служба се обидела да му укаже прва помош и да го реанимира со дефибрилатор, но смртта настапила ноќта некаде пред полноќ.

МИХАЕЛ ГУЛАРТС

Последниот случај со смртта на младиот Белгиец ја отвори дилемата во спортските кругови за она што се случува во тимот Веранда Вилемс-Крелан и причината поради која младите велосипедисти ги губат животите. Пред точно две години на 28 март 2016 година, поради истата причина (срцев удар) животот го загуби и 22-годишниот Дан Мингер. Новинарите дојдоа до информации кои велат дека младиот Мингер доживеал срцев напад додека се натпреварувал уште на првата етапа на велосипедската трка Критериум Интернационал во францускиот град Ајачо. Тој бил шампион на Белгија во младите категории, а неколку години пред да се случи трагичниот настан и официјално почнал да се натпреварува на професионално ниво. Од 2015 година бил член на Веранда Вилемс-Крелан, а кусо потоа заминал како дел од францускиот тим Рубе Метропол Лил.

Четири години пред трагичната смрт на Дан Мингер, од срцев удар починал и трет велосипедист. Станува збор за уште еден Белгиец, Роб Горис, кој бил пронајден мртов во хотелската соба само кратко време откако се појавил на едно тв-шоу со својата девојка. 30-годишниот Горис беше член на Веранда Вилемс-Крелан скоро од почетоците на клубот, кој првата професионална лиценца за натпреварување ја добил во 2013 година.

ДАН МИНГЕР

Овој мал и скромен белгиски велосипедски тим во последните години се сметаше како отскочна штица за оние кои не се занимавале професионално со велосипедизам, но кои сакаат сериозно да инвестираат во себе и да преминат од аматерско на професионално ниво. Сите инволвирани структури во клубот деновиве се повикани на информативни разговори во полиција по последниот смртен случај со Гулартс, но официјални информациии од истражителите се чекаат откако ќе бидат готови сите анализи од аутопсијата на младиот велосипедист. Јавноста по овој трет смртен случај со велосипедист на истиот белгиски тим веќе почна да ги лоцира можните причини за оваа смртоносна грозница. Веќе отворено се зборува дека медицинските препарати кои велосипедистите ги добиваат за подобрување на формата се главните виновници за смртните напади кои им се случуваат на младите велосипедисти од Веранда Вилемс-Крелан тимот. Сепак, таквите тврдења се само претпоставка, додека не стигнат точните наоди за причината за смртта на 23-годишниот велосипедист.

РОБ ГОРИС

Лекарите кои ги коментираа ваквите случувања, велат дека без разлика што Гулартс позитивно го минал последниот тест во ноември, кардиолошките анализи не се 100% сигурна гаранција за состојбата со срцето на спортистот. Гулартс никогаш немал проблеми со срцето, ниту пак биле детектирани некакви срцеви аномалии. Ако такво нешто имало кај него, лекарите морале да го забележат, затоа што Светската велосипедска унија редовно воведува строги годишни контроли на велосипедистите и нивното здравје. Неколку експерти побараа промена на правилата за утврдување на состојбата со здравјето на спортистите и истите се во фаза на разгледување.
Што и да се случува во иднина со лекарските контроли на спортистите (сообено велосипедистите) останува сенката над медикаментите и лекарските препарати кои спортистите ги добиваат за кревање на формата. Дали во нив лежи причината за ова фрапантно губење на животите на тројца велосипедисти од ист тим во период од само 6 години, е прашање на кое одговор мора да се даде, пред да биде предоцна за уште некое младо момче кое почнува да ја гради својата професионална велосипедска кариера.

Најново во Други спортови