ВЕЌЕ Е ОТВОРЕН ПАТОТ КОН ЕП 2015

Новото кошаркарско сонце силно светна и среде Минск!

објавено: 17 август 2014 - 23:18

Македонија дефинитивно добива нова кошаркарска генерација, која ќе продолжи да чекори по стапките на своите претходници, кои пред три години во Литванија успеаја да се најдат меѓу четирите најдобри селекции на Стариот континент. Денешната победа против Белорусија во Минск беше потврда за сето ова, а воедно и ставање печат на уште една успешна квалификациска кампања. Со трите победи во исто толку меча, настапот на следното ЕП станува се поизвесен. Сега останува да се прикаже добра игра против Белгија во Шарлоа, и да се обезбедат две победи на мечевите на домашен терен (Данска и Белорусија), и на најдобар начин да се заврши циклусот.