МЗТ СКОПЈЕ НЕ ГИ ОПРАВДА ОЧЕКУВАЊАТА НА НАВИВАЧИТЕ

Празно простување со сезоната за заборав (ФОТОГАЛЕРИЈА)

И на последниот меч пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ за оваа сезона во АБА лигата, македонскиот првак беше далеку од конкурентен, макар и против една екипа која важи како кандидат да ја освои АБА. Во неколку наврати „металците“ се заканија, но  не можеа против класата која ја има во редовите на една од најскапите екипи во оваа регионална конкуренција...

објавено: 3 март 2018 - 20:45

Завршија барем оние „домашни маки“ за МЗТ Скопје во оваа сезона од АБА лигата. Ниту на оној последен и меч за простување со своите симпатизери од оваа лоша, очајно слаба сезона во АБА друштвото, „металците“ не покажаа дека нешто напредувале.

Мотивација можеби и има(ше), но квалитет за да се победи тим како што е Цедевита, дефинитивно нема (ше)...

Останува уште еден јадрански круг за македонскиот првак. Она гостување во Бар, против екипата за разлика од нив, која претставува најпријатно изненадување, и која пред две кола го потврди учеството во плеј-офот, односно влезе во првата „четворка“ која ќе се бори за прстените во Лигата на Јадранот.

Секако, станува збор за Морнар...