Убав потег на градскиот ривал

Академија Пандев ѝ го честита 95. роденден на Беласица

На теренот може да се противници, но надвор од него, клубот на Академија Пандев уште еднаш покажа дека знае да ја цени Беласица

објавено: 10 декември 2017 - 11:50

Екипата на Академија Пандев и Беласица се големи ривали на теренот. Минатата сезона водеа големи битки во Втората лига, кога Академија Пандев успеа да се избори за својот најголем успех, пласман во Прва лига. Беласица остана во Втора лига, каде оваа година се обидува да стигне до елитното натпреварување кај нас. 

Денеска, на 10 декември, Беласица слави точно 95 години од своето формирање. Ова е лубилеј со кој може да се пофалат малку клубови во нашата земја. Тоа го знаат и во Академија Пандев, па не заборавија да го честитаат роденденот на градскиот ривал. 

„Беласица има огромен придонес не само за развојот на струмичкиот, туку и на македонскиот фудбал и заслужува целосен респект без разлика на тоа во кој степен на натпреварување се наоѓа. Клубот дал еден куп македонски репрезентативци, а нејзин производ е и најдобриот фудбалер на сите времиња Горан Пандев.

Конечно, Беласица има голема заслуга и за постоењето на Академија Пандев затоа што 95% од вработените во нашиот клуб во минатото биле членови на постариот струмички колектив.

Прославата на 95-годишнината од постоењето на Беласица ќе се одржи утре во 11 часот. Академија Пандев доби покана да присуствува на одбележувањето, но, на наше огромно жалење, поради натпреварот против Вардар во Скопје не сме во можност да го направиме тоа.

Без разлика на се, Академија Пандев и го честита јубилејот на Беласица и и посакува уште многу години постоење и големи успеси“, стои во честитката на Академија Пандев, испратена преку официјалниот сајт на прволигашот.

Најново во Фудбал