ПРЕД ДУЕЛОТ СО ШАМПИОНОТ, РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦОТ НАЈАВИ ТРИУМФ

Барди вети победа против Барселона и ја исполни со два прекрасни гола!

Во неверојатен меч, Леванте со 5:4 славеше над каталонскиот гигант, кој по овој пораз остана без посакуваната историска сезона без ниту еден неуспех

објавено: 14 мај 2018 - 08:30

Во квалитетот на Енис Барди синоќа се увери и новиот шпански првак Барселона. Македонскиот репрезентативец блесна и даде два гола во победата на Леванте од 5:4 против каталонскиот гигант. За Барселона ова беше прв пораз сезонава и на тој начин го заврши сонот дека може да стигне до историска титула без ниту еден неуспех по 38 кола. 

Двата гола Барди ги даде во почените 10 минути од вториот дел. Во негов стил, со два прецизни удари, го совлада Тер Штеген. По вториот погодок на Барди, Леванте поведе со 5:1, а Барселона до крајот успеа само да намали на 5:4, но не и да се спаси од пораз.

Интересно е тоа што пред дуелот, Барди и најави дека може да се очекува Леванте да слави, иако тоа не му успеа на ниту еден тим претходно сезонава во Шпанија. 

„Покажавме дека во овој момент може да победиме било кој противник. Полни сме со самодоверба“, рече Барди пред дуелот со Барселона. 

Тоа што го вети, Барди и го исполни и тоа со два гола. Македонскиот репрезентативец сезонава веќе зад своето име има запишано девет погодоци во Примера дивисион. 

Најново во Фудбал