Јунакот на феноменалната победа говори за „Спортмедиа“

Барсегјан: Кога играме колективно, никој не може да го победи Вардар

Тигран Барсегјан го одигра најдобриот натпревар за Вардар, откако е член на „црвено-црните“. На велемајсторски начин ерменскиот Хулк како што го нарекуваат во неговата земја, го легна на тревата Мартин Шкртел и му донесе предност на Вардар против Фенербахче, а потоа ги збуни Мехмет Топал и Идриз Камени во финишот, па гостите си постигнаа автогол. „Во Истанбул треба да играме како во Скопје, и ако ја повториме претставата Вардар нема да загуби“, вели Тигран за „Спортмедиа“

објавено: 18 август 2017 - 13:33

Зоран Поповски

Тигран Барсегјан го одигра најдобриот натпревар за Вардар, откако е член на „црвено-црните", а беше главниот актер во сензационалната победа против Фенербахче од 2:0. На велемајсторски начин ерменскиот Хулк, како што го нарекуваат во неговата земја, го легна на тревата Мартин Шкртел и му донесе предност на Вардар. Потоа ги збуни Мехмет Топал и Идриз Камени во финишот, па гостите си постигнаа автогол. На 24. август ќе се игра реваншот, а Вардар е многу блиску до прво учество во фаза по групи во Европа Лигата.

„Во Истанбул треба да играме како во Скопје, и ако ја повториме претставата Вардар нема да загуби. Кога играме како еден, колективно и функционираме сите заедно, не може никој да не победи", вели Тигран за „Спортмедиа".

Иако не е класичен шпиц, туку често игра како крило, или во средината на теренот, Барсегјан одлично се снајде како напаѓач против Фенербахче.

„Јас сум подготвен да ги исполнам сите задачи, а и кај Гоце Седлоски неколкупати играв како шпиц. Мислам дека одиграв коректно, а најважно е што забележавме супер победа од 2:0“, додава популарниот Хулк од Ерменија.

Тој е вистински џек-пот на раководството на Вардар. Веруваа во него и кога долго паузираше поради проблеми со срцето. Пристигна лани летото во редовите на македонскиот првак, а набрзо речиси сите кренаа раце од ерменското засилување. Процесот на рехабилитација траеше неколку месеци, а „подзаборавениот“ Барсегјан блесна и за нешто повеќе од една година возврати со извонредни партии. И со гол против Фенербахче во историскиот двомеч за Вардар на патот кон фазата по групи во Европа Лигата. Навикнат е на искушенија и за него гостувањето во Истанбул ќе биде посебно, со оглед на нетрпеливоста меѓу Ерменците и Турците. 

„Секако дека ќе имам посебни мотиви, но ја оставам историјата зад себе. Сакам само да играм фудбал и да му помогнам на Вардар да направи чудо и да се пласираме во Европа Лигата. Тоа е доволно за мене“, заврши Барсегјан.

И за него и за Вардар реваншот на 24. август ќе биде посебен, историски момент, а успех им носи деби учество во групна фаза во европските купови.

 

 

 

 

 

Најново во Фудбал