ПЕЛИСТЕР Е ДОМАЌИН НА НАЈГОЛЕМОТО ДЕРБИ ВО МАК-ФУДБАЛОТ

Чкембари најавија пеколен пречек за шампионот Вардар

Битолчани се во борба за опстанок, додека „црвено-црните“ оддамна се откажаа од титулата

објавено: 1 април 2018 - 11:30

Најголемото фудбалско дерби денеска се игра во Битола од 15 часот. Пелистер го пречекува Вардар во меч од 25. коло во првенството. Победата е императив за домаќините. Пелистер е на претпоследното место на табелата со 22 бодови и заостанува три бода зад Победа, која е на позиција која носи надеж за спас. 

Битолчани ќе играат на својот стадион „Тумбе Кафе“, а се очекува да имаат и голема поддршка од верните навивачи „Чкембари“. Вардар речиси без никаков натпреварувачки мотив патува за Битола. „Црвено-црните“ веќе оддамна се откажаа од трката за титулата и го препуштија тронот на Шкендија. 

Токму тетовскиот тим се надева дека ќе ја продолжи победничката низа и тоа на гости кај „фенерџијата“ Скопје. Шкендија има дури 16 бода повеќе од Вардар и сака што е можно поскоро и дефинитивно да ја осигура титулата. 

Во останатите денешни мечеви: Работнички ја пречекува Академија Пандев, Силекс ја пречекува Победа, а Ренова игра против Шкупи. Дуелите од ова коло требаше да се играат во четвртокот, но поради многуте репрезентативни настапи на нашите селекции, дуелите од првенството беа одложени за денеска.

Најново во Фудбал