НЕИЗВЕСНА ИДНИНАТА НА „ЗЕЛЕНИТЕ“

ЦРНИ ОБЛАЦИ НАД ФУДБАЛСКА БИТОЛА: Што ќе се случува со Пелистер?

Од стабилен прволигаш со силна екипа која што требаше само да се надоградува, Пелистер после само една година е второлигаш, без фудбалери и со неизвесна иднина

објавено: 24 мај 2018 - 14:30

Само една година потоа, откако го освоија фудбалскиот Куп на Македонија победувајќи ја Шкендија преку пеналите, никој не веруваше дека ќе има реприза и оваа година. Ниту самите фудбалери на Пелистер кои што беа свесни дека во финале ги чека само еден натпревар на кој не им останува ништо друго освен да пружат каков-таков отпор. 

Шкендија е посилна тоа е точно, меѓутоа повеќе оди кон тоа дека Пелистер е далеку послаб од минатосезонскиот. Минатосезонскиот во кој што играа Илијоски, Бојовиќ, Петров, Пеев, Божиновски, Тошевски, Попзлатанов... Да, беа најавувани далеку подобри денови, меѓутоа очигледно дека нешто друго влијаеше Пелистер за само една сезона повеќе нема прволигашки статус, а синоќа го загуби и пехарот од Купот. 

Иднината на Пелистер не само што не е подобра, туку ќе биде уште полоша. Тешко е за верување дека некој од овие играчи ќе остане во тимот, а нема најава за некој спонзор да влезе и сериозно да го изнесе Пелистер повторно на вистинскиот пат. Оваа сезона едноставно беше „мачење“ за битолската екипа. Играчите којзнае од кога немаа(т) земено плата, а голем дел од нив во зимскиот преоден рок ја фатија излезната врата. Дури и оние кои што потекнуваат од оваа фудбалска школа. Тоа е доволен доказ дека во Пелистер нешто не е како треба. 

Сега е пауза, време кога се сумираат впечатоците. Минатите искуства велат дека Пелистер тешко се дигал кога ќе падне, па често му требале 2-3 сезони за да се врати во прволигашките води, а потоа за исто толку време и повторно да се најде во проблеми и да се врати во второлигашката конкуренција. Ете тоа му се случува на битолската гордост во последните десетина години. Само што ќе се стабилизира, почнувале проблемите. 

Очекуваме информации од Битола што ќе се биде со нивната гордост. Таму воопшто нешто не е во ред, и сега треба да се види што понатаму. Затоа што како што се вели, силно првенство и Пелистер секогаш одат во иста реченица. „Зелените“ сега се паднати, и ќе треба да станат. Што побрзо тоа подобро. За доброто на фудбалот во Македонија. 

Најново во Фудбал