ВАРДАР НЕГОТИНО ЧЕКА ДА ИМ СЕ ПРИКЛУЧИ СО ПРЕДНОСТ ОД 3-0

Академија Пандев во Втора лига, опстана и Љубанци дури по изведување пенали

Академија Пандев и Љубанци се два од трите членови на Втора лига за следната сезона, а со една нога таму е и Вардар Неготино по денешните реванш-баражи. 

објавено: 29 мај 2016 - 18:27

Додека Академија Пандев со втора победа над Гоблен лесно и уверливо стави печат на второлигашкиот статус, тимот кој се обидува да избори опстанок во оваа лига, Љубанци, мораше да помине низ драма за да го скрши отпорот на Новаци. Откако Љубанци минатата недела славеше со 3-1, на денешниот реванш во Кичево, Новаци се одмазди со 2-0 во корист на Новаци, што според пропозициите на ФФМ значи директно изведување пенали, со оглед дека не важи правилото „гол на гости“. 

Во серијата од белата точка поуспешни беа фудбалерите на Љубанци, со 5-3, обезбедувајќи си уште една сезона во второто по ранг натпреварување во Македонија. Момците од Новаци останаа да се справуваат со жалењето и горчината, не само поради лошо изведените пенали, туку и поради неверојатната шанса која ја пропуштија на истекот на 90-те минути. Судиската тројка досуди пенал во нивна корист, но голманот Ристовски одбрани и го прати мечот во уште поголема возбуда.

Можеби и оваа пропуштена шанса, како и утнатата пенал-завршница, беше причина за незадоволство кај Новаци и за мала мешаница на теренот по завршувањето на мечот, која сепак беше бргу решена.

Во преостанатите два баража денеска, Академија Пандев го потврди својот квалитет во однос на Гоблен и славеше вторпат, сега со 3-1, по оние 2-1 од средата. Мечот се отвори во вториот дел, откако првите 45 минути завршија без голови.

Слична судбина го очекува и Вардар Неготино, кој поради компликациите во Трета лига запад од претходно, денеска не играше реванш, туку првиот меч во баражот со Вардари. Милениците на Винари славеа убедливо со 3-0, постигнувајќи ги сите голови уште во првиот дел, со што си дадоа само формална задача на возвратниот меч, в среда, исто така во Прилеп.

Најново во Фудбал