КАПИТЕНОТ НА ШКЕНДИЈА ПРЕД НЕДЕЛНОТО ДЕРБИ

АЛИМИ: Секогаш е тешко со Вардар!

„Ривалот се наоѓа во подобра ситуација и е во добра форма, но ако ние успееме да ја одиграме нашата игра тогаш би требало да извлечеме поволен резултат" потенцира Арменд Алими.

објавено: 19 октомври 2018 - 16:55

Како никогаш досега, барем не во последните неколку години, во текот на изминатите две недели, речиси и да немаше никакви вести или информации од таборот на Шкендија, од редовите на актуелниот шампион. Добро знаат тетовци дека во досегашниот дел од есенската полусезона беа далеку под своето ниво, па затоа се „затворија" во својата база, сфатија дека вака повеќе не оди и дека ќе мора да играат многу, многу подобро.

А прв меч по таа пауза е оној со Вардар, веројатно, можеби еден од решавачките за тоа како ќе се одвиваат настаните во сезоната број 27 во Првата лига.
Имено познато е дека лидерот сега има дури седум бодови плус во однос на Шкендија, и со евентуален пораз, тетовци би се нашле во крајно незавидна ситуација.

ШКЕНДИЈА Е ПОДГОТВЕНА

За тоа што може да се очекува од овој натпревар, свој коментар има Арменд Алими, капитенот на шампионот.

„Нема сомневање дека сме подготвени. Сега нашите мисли се насочени само кон она што претстои. Минатото не може да се врати, не може да се поправи. Од него може да се извлече само поука. Знаеме за важноста на овој натпревар".

ЛИДЕРОТ Е ВО ПОДОБРА СИТУАЦИЈА

Алими е реален во своите оценки за тоа дека Вардар е во подобра ситуација во однос на Шкендија во пресрет на ова дерби.

„Видете, секогаш е тешко да се игра против Вардар. Ривалот е во подобра ситуација, и факт е дека е во подобра форма, но ако ние успееме да ја одиграме нашата игра тогаш би требало да извлечеме поволен резултат. Јас се надевам дека така и ќе биде" подвлекува капитенот.

ПРИТИСОКОТ Е СОСТАВЕН ДЕЛ ОД ДЕРБИТО

Без разлика на се, без разлика кој каде е на табелата, кој во каква форма е, има притисок кај играчите на двете екипи кога играат меѓусебе.

„Лично очекувам тежок меч како што реков. Посебно што се игра на стадионот „Борис Трајковски" во Маџари. Што се однесува до притисокот, тоа е нешто нормално кога играат клубовите кои во последните неколку години се убедливо најдобрите во Првата лига. Овие дерби средби секогаш биле интересни, мислам дека така ќе биде и во недела" заврши Арменд Алими.

Најново во Фудбал