„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ БЕЗ ДОВОЛНО „ВИТАМИНИ“ ВО ТРКАТА СО ШКЕНДИЈА

Анемичниот Вардар мораше да го отстапи врвот

Иако во вториот натпреварувачки круг влегоа со седум бода предност, по 14. коло скопските „црвено-црни" се најдоа во ситуација да заостануваат три чекори зад актуелниот првак. 

објавено: 13 ноември 2018 - 14:50

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар има два дена одмор по најновиот пораз од Шкупи (0-1). Има доволно време да размислува како се случи од убедлив лидер пред пет кола сега да го отстапи првото место и да заостане три чекори зад актуелниот шампион Шкендија по 14. одиграно коло во прволигашката конкуренција.

Според прикажаното во последните пет кола, или во вториот наптреварувачки круг, кој следуваше по октомвриската репрезентативна пауза, Вардар е анемичен. Не е истиот тим кој во првиот круг изгледаше свежо со истите проблеми. Сега нема доволно „витамини" да парира рамноправно во трката за титулата со Шкендија. Забележа само една победа во последните пет кола и ја загуби предноста од седум бода пред Шкендија, на која мораше да и го отстапи врвот.

ДОЛГОВИТЕ ИМ ГО МАТАТ УМОТ

За тоа се свесни сите во клубот каде владее статус-кво ситуација веќе од почетокот на сезоната. Клубот кој лани направи историски успех со настап во групната фаза од Лига Европа и заработи 4,6 милиони евра, сега не е во ситуација да плати дури и да игра како вистински домаќин на „Арената". Како домаќин ги одработува мечевите во Маџари. Сето ова е дел од понорот кој стоечки го издржуваат „црвено-црните" и се немоќни ништо да променат.

ИМААТ ДОВОЛНО БОДОВИ ДА НЕ ИМ СЕ СЛУЧИ ИСПАЃАЊЕ

Ако час поскоро не се реши проблемот со испалтата на плати, и не се знае со кој „газда" ќе продолжи најтрофејниот тим, напролет наместо во трката за врвот „црвено-црните" лесно можат да се најдат во слободен пад на табелата и да се вмешаат во битката за опстанок. За среќа имаат доволна бодовна залиха да не им се случи најлошото. Вардар на последнопласираната во моментов Беласица и бега 14 бода.

Најново во Фудбал