БРАЗИЛЕЦОТ ГО НОСИ ВАРДАР КОН ЛШ

БАЛОТЕЛИ: Ова беше мојот најдраг гол

„Ова беше мојот најдраг гол во кариерата. Да се победи ваков голем тим не е мала работа, а уште со мојот гол", ни изјави Балотели.

објавено: 27 јули 2017 - 11:30

Вардаровата европска бајка продолжува. Копенхаген падна на првиот меч во Скопје и тоа благодарение на мајсторијата на Бразилецот, Џонатан Балотели. Напаѓачот на „црвено-црните“ по неискористениот зицер на стартот од вториот дел, со убав волеј во 64. минута донесе експлозија на Арената и гол за водство и победа на нашиот шампион.

„Ова беше мојот најдраг гол во кариерата. Да се победи ваков голем тим не е мала работа, а уште со мојот гол. Штета што не успеав порано да реализирам, иако имав шанса. Сепак, нивниот стопер ме стигна и успеа да ме блокира. Ова е важна победа. Сакавме триумф, и го остваривме. Се надевам дека ќе биде доволен да поминеме понатаму", ни изјави Џонатан Балотели.

Бразилецот на реванш мечот во Копенхаген очекува нов успех. 

„Треба да играме исто, да дадеме гол и таму. Јас мислам дека ќе имаме шанси, и ќе треба да ги реализираме. Атмосферата во екипата е одлична и се надевам дека ќе продолжиме во ист стил. Исто така, благодарност и до прекрасната публика", вели вардаровиот робусен шпиц.

Дуелот меѓу Копенхаген и Вардар се игра на втори август во Данска. 

Најново во Фудбал