СТРАТЕГОТ НА „РОМАНТИЧАРИТЕ" МОЖЕ ДА БИДЕ ЗАДОВОЛЕН

Баже, Петковски, Блажевски, Кабрал...нека му мислат ривалите!!!

Да не заборавиме на Барбоса, Гофри и Недељковиќ, нема што, нападот на Работнички во пролетниот дел ќе биде страв и трепет за противничките одбрани.

објавено: 6 јануари 2019 - 17:30

Она што го најави претседателот на „романтичарите" Драган Поповски за „Спортмедиа" пред две недели, на пат е и да го оствари. А тоа е дека Работнички ќе има силен тим. И така е барем ако се однесува тоа за нападот во досегашниот зимски преоден рок.

Работнички ги ангажира Баже Илијоски, Дејан Блажевски речиси е „романтичар", тука е Петар Петковски, секако и „кариоките" Кабрал и Барбоса кои во вторник ќе бидат промовирани.

Да не заборавиме на Гофри и Недељковиќ. Каков ли тоа напад ќе има Работнички, тој ќе биде страв и трепет за сите противнички одбрани во Првата лига во пролетниот дел, нека му мислат ривалите. Кога сме кај последните двајца да кажеме дека тие ќе почнат со подготовките, а каков ќе биде нивниот статус останува да се види.

Средниот ред и одбраната мора да се засилат

Откако нападот е екипиран, останува сега во Работнички да поработат и на засилување на средниот ред и посебно одбраната. Николај Дулгеров од Бугарија во средината е одлично решение, се преговара и со уште две имиња, од кои еден е некогашен репрезентативец на Македонија.

Сепак најпроблематична е одбраната, посебно стоперската линија. Се уште не се знае дефинитивно дали ќе остане Владимир Димитровски, но и со него на стратегот Жикица Тасевски му се потребни најмалку двајца дефанзивци. Тоа значи дека на Работнички до крајот на зимскиот преоден рок му останува да ангажира квалитетен играч за врска и двајца стопери и со тоа Поповски да си го исполни ветувањето, а тоа е дека Работнички навистина ќе има силен тим.

Најново во Фудбал