Нов меч меѓу старите скопски ривали

Бериша: Играме отворен фудбал против сите ривали, одиме на победа против Вардар

Шкупи и Вардар утре го играат вториот меч од зимската трилогија во декември, овојпат ќе се игра за бодови во првенството и тоа на стадионот во Чаир

објавено: 3 декември 2017 - 10:00

Шкупи и Вардар утре го играат вториот меч од зимската трилогија во декември, овојпат ќе се игра за бодови во првенството и тоа на стадионот во Чаир.

Пред четири дена двете екипи го играа првиот дуел од двомечот во осминафиналето во националниот куп и Шкупи како гостин успеа да се избори за реми, 1:1, иако ривалот беше фаворит.

И денеска шампионот Вардар има предност на хартија, а Шкупи ќе се обиде да ја прекине црната серија од 10 меча без победа против најтрофејниот македонски клуб.

„Против сите екипи без разлика играме отворено, напаѓачки, а така ќе биде и против Вардар. Не ни е гајле за реномето на противникот, ние сакаме победа. Нема да биде воопшто лесно, но така ќе биде и за гостите. Секој бод ни е исклучително значаен и верувам дека сите ќе дадеме максимум за да останеме непоразени“, вели Седат Бериша.

Вардар веќе и нема поинаков избор освен победа, ако сака да остане во трката за титулата со лидерот Шкендија. Шампионот заостанува доста и мора да победи за да може да се трка со разиграниот ривал од Тетово за домашната круна во продолжението од шампионатот.

„Знаеме дека Чаир е секогаш тешко гостување за секоја екипа. Теренот, публиката и целокупниот амбиент си го прави своето, но ние сме Вардар и секогаш и секаде мораме да имаме желба за победа, да го дадеме максимумот и да ги освоиме трите бода", вели Тодор Тодоровски, еден од најмладите во редовите на Вардар.

 

Дербито на 18. коло ќе се игра од 13 часот, исто како и останатите четири натпревари.

Двојки: Шкупи - Вардар, Шкендија - Пелистер, Работнички - Скопје, Победа - Ренова, Академија Пандев - Силекс.

Најново во Фудбал