В СРЕДА СЕ ИГРА ВЕЧНОТО ФУДБАЛСКО ДЕРБИ

Битола почна да се загрева за дербито против Вардар

Според резултатите во последните пет меча Пелистер е во најдобра форма, бидејќи има четири победи и едно реми

објавено: 28 ноември 2016 - 10:58

Актуелниот првак Вардар беше единствениот кој вчера се радуваше на трите бода во мечевите од 16 коло на Прва лига. Со тоа, „црвено-црните“ избегаа за уште два бода пред конкурентите за највисок пласман, Шкендија и Пелистер. Сега шампионот го очекува едно од најтешките гостувања, кај Пелистер во Битола.

Ривалството меѓу Вардар и Пелистер трае со децении, а нивните мечеви го имаат епитетот на „вечно“ македонско дерби. Сезонава битолчани играат одлично и се надеваат на висок пласман. Голем предизвик ќе им биде токму мечот против Вардар, в среда на „Тумбе Кафе“.

Пелистер сезонава веќе еднаш покажа дека може да му парира на Вардар и тоа во Скопје, кога одигра нерешено 1:1. Сега на свој терен, пред своите навивачи ќе се обидат да направат уште поголемо изненадување.

Најверните навивачи на Пелистер, популарните „Чкембари“ веќе започнаа да прават „мобилизација“ за дуелот в среда. Тие ги повикуваат сите битолчани да бидат на стадионот в среда во 13 часот.

Засега не се знае дали  Вардар ќе има своја поддршка во Битола, но како и да е, уште сега атмосферата за големото дерби се загрева, а кулминацијата се очекува да биде со одлична игра на теренот на двата тима и коректна атмосфера на трибините. 

 

Најново во Фудбал