Неизвесно е и во Прилеп

Бубања остави план за Победа, ќе има ли кој да го реализира?

Некогашниот македонски шампион и освојувач на националниот куп, Победа од Прилеп, живее во неизвесност и се соочува со финансиска криза, па под голем знак прашалник е како и дали ќе продолжи да функционира во продолжението од првенството

објавено: 15 декември 2017 - 18:00

Договорот на црногорскиот тренер Славољуб Бубања е истечен, а по се изгледа тој нема да се врати на кормилото на еден од нашите најпознати фудбалски клубови. Планот за подготовки што тој го остави на заминување, тешко ќе се реализира, бидејќи не се знае што ќе биде со актуелното раководство. Можна е иницијатива за смена на сегашната Управа, а дел од играчите се на пат да си заминат.


Филип Најдоски, еден од најдобрите фудбалери на прилепчани веќе ја напушти Победа, а има најави дека тоа ќе го сторат уште неколку стандардни првотимци. На фудбалерите им се должат и неколку плати, што само ја потврдува кризата во Победа и неизвната иднина на клубот кој има две титули македонски шампион и една круна од националниот куп.

Играчкиот погон засега е на одмор до почетокот на јануари, кога според планот што го подготви Бубања и неговиот стручен штаб треба да биде прозивката за зимските подготовки.

По есенскиот дел Победа со 19 бодови е на седмата позиција, прва над зоната за испаѓање.

Најново во Фудбал