BO ФОКУСОТ НА МИЛОРАД СТОЈМАНОВСКИ

Црната книга на ФИФ-Про во Македонија би била – ќумур!

Пред четири години ФИФ-Про направи истражување кое ги покажа сите слабости поврзани со статусот на фудбалерот во Источна Европа, од неплаќање, преку мобинг, претрпено насилство и учество во местење натпревари. Македонија не влезе во тоа истражување затоа што немаше доволно институции што ги засега овој проблем, ниту невладини организации. "Случајот Металург" е вистинска шанса тоа да се промени

објавено: 25 февруари 2016 - 08:40

Претседателот на Синдикатот на фудбалерите на Македонија, Панче Ќумбев, обелодени дека добивал „поздрави и културни закани“ за да ја смири ситуацијата, откако цврсто реши да ги заштити интересите на седумтемина суспендирани фудбалери на Металург поради наводен непријавен штрајк. Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ја потврди шестмесечната клупска суспензија. Во меѓувреме, четворица од казнетите млади фудбалери, меѓу кои има и репрезентативци, успеаја да најдат ангажман во странство, бидејќи суспензијата се однесуваше само за македонските првенства и за купот.

Ако на првиот заштитник на работничките права на фудбалерите се врши мобинг, како што е модерно да се каже, а всушност е синоним за психолошки терор, тогаш можете да замислите каква е ситуацијата на (зелениот) терен, каде што заради постигнување одредени лични и клупски интереси под секојдневен стрес се непосредите производители – фудбалерите.

Случајот Металург“ на насловната страница на ФИФ-Про

Mеѓународниот синдикат на фудбалските професионалци ФИФ-Про на насловната на својата интернет-страница ја објави приказната за казнетите „металурзи“ со сите тажни детали, оставајќи грда слика за македонскиот фудбал во светот. ФИФ-Про, конкретно нивниот претставник Вил Ван Меген, отворено застана на страната на фудбалерите.

„Двете страни-потписнички треба да го почитуваат договорот. Играчите го сториле тоа што морале да го сторат, откако не биле платени четири месеци. Ова е невидено досега – да бидат суспендирани поради протест затоа што не биле платени“, изјави директорот на правниот оддел на ФИФ-Про.

Самиот обид на ФФМ да ја релативизира казната со тоа што таа се иззема за настапи во странство и во репрезентацијата укажува на неувереноста на органите што ја донесоа во исправноста на нивната одлука. Така може да се случи казнетите Виктор Ангелов, Давор Талевски и Филип Ристовски да бидат на списокот на селекторите Игор Ангеловски или Благоја Милевски за претстојните натпревари против Словенија и Бугарија (контролни на сениорите), односно Исланд и Франција (квалификациски за тимот „под 21“) што се закажани од 24 до 29 март.

Фудбалерите со „очи широко затворени“

За разлика од земјите од регионот, па и во најголемиот дел од Европа (во ФИФ-Про членуваат синдикатите на 27 земји од „Стариот континент“), македонскиот Синдикат на фудбалери сѐ уште не е полноправен член затоа што не ги исполнува критериумите за членство, а клучен е недоволниот процент на членови од фудбалските професионалци.

Тешко оди подигањето на свеста на фудбалерите кои со измените на Законот за спорт треба да ги уживаат сите права според Законот за работни односи, затоа што фудбалските прволигаши се трансформираа од здруженија на граѓани во акционерски друштва. Играчите, кои во најголем дел имаат скромни примања (иако од ФФМ се фалат дека минималната загарантирана плата од 200 евра е поголема од македонската минимална работничка плата – 9.000 денари), како да не се подготвени да се зачленат само за да не плаќаат редовна членарина. „Случајот Металург“, за кој некои од казнетите дури ангажираа и адвокат за да ја бараат правдата и во граѓанските судови, можеби ќе им ги подотвори „широко затворените очи“ дека им е неопходна правна заштита против здружените клубови и Федерација.

Зошто не и два вида договори?

„Системот е таков што од играчите прави жртви,“ вели Дејан Стефановиќ, кој го спроведе истражувањето во Србија. Тој смета дека во бившите ју-републики, всушност, владее полупрофесионализам, иако лигите се сметаат за професионални.

Вредна е за размислување неговата идеја на клубовите да им се овозможи избор меѓу два вида договори – еден за тие што живеат од фудбалот да имаат професионални договори, но да има и можност тие кои не сакаат фудбалот да им биде единствена преокупација и начин на егзистирање да можат да студираат или да остваруваат други приходи.

„Не е реално, барем во регионов, клубовите да имаат 25 до 30 играчи под професионален договор, а буџетот да им е, на пример, 300.000 евра,“ правилно резонира Стефановиќ.

На оглас понудена плата од 10.500 денари

Претседателот на Металург отворено призна дека на играчите навистина им доцнела платата и другите исплати (кирии, премии и слично) цели четири месеци. Иако ова беше јавно кажано, тоа не ја поттикна трудовата инспекција да го посети клубот од Автокоманда за да провери дали сега исплатата е нормализирана. Како и да е, пораката со суспензијата стаса до „консументите“, со цел да не им текне другпат да „писнат“.

За да не биде само Металург издвоен во македонското фудбалско сивило, ќе потсетиме дека и клубовите што евентуално редовно ги исплаќаат играчите, ги сведоа приходите на фудбалерите на „минималец“. Актуелниот бранител на куп-трофејот Работнички со оглас преку Агенцијата за вработување побара „евтина работна сила“ - фудбалери за плата од 10.500 денари, а Ренова за 12.000 денари. Дури и да се однесува на играчи-аматери (Законот ги обврзува клубовите само со половината од ростерот да имаат професионални договори, како и со тројца тренери, лекар и административец), станува јасно зошто ги нарекуваме „евтина работна сила“, со оглед на тоа дека истиот клуб имаше доволно пари за подготовки во Анталија.

Пензија никој не спомнува

Многу работи остануваат отворени со кои треба да се позанимава и Синдикатот на фудбалерите, и државните инспекциски органи, и Федерацијата. Обидот за професионализација на спортот со приватизацијата засега е неуспешен поради слабото македонско стопанство. Најголемиот дел од клубовите имаат општинска поддршка, но ако се има предвид како општините ги завршуваат обврските за кои ставиле потпис (реконструкцијата на стадионите  во Тетово, Штип, Велес, Битола, Прилеп), може да се претпостави колкава е помошта за клубовите.

Фудбалерите, како и сите други спортисти, немаат работен век до својата 64 година од животот за да го остварат правото на пензиско осигурување. Во високоразвиените земји, како што се Холандија и Англија, на пример, дури и ова прашање е регулирано – законски им е загарантиран пристоен живот на фудбалерите и во нивното „трето доба“. Но, таму пензиските фондови не се во була како нашиот и споредбите во моментов би биле неумесни.

Дека не е само Македонија во фудбалска „кал до колена“ потврдуваат бројките од истражувањето на ФИФ-Про. Иако оттогаш поминаа четири години, со оглед на тоа што во меѓувреме економската криза не само што не подзапре, туку и се засили, ситуацијата сигурно не е подобрена.

За истражувањето е можеби „подобро“ што во нивните статистики не е влезена Македонија. Со неа, „Црната книга“ на ФИФ-Про ќе беше уште поцрна. Или со сленгот на навивачите кажано – ќумур!

Нискиот стандард ги мами мафиозите

Ако проработи свеста на играчите, односно ако државните инспекциски органи си ја завршат обврската за која се платени, многу лесно може да се открие дали на нашите зелени полјанки играчите кршат нозе без да бидат платени, дали им се врши мобинг, дали се жртви на насилство од страна на клупските претставници или од навивачите и дали, како такви, лесно ранливи, се поприемчиви за понудите што доаѓаат од фудбалската мафија за местење натпревари. Неодамна е изречена и првата пресуда (условна казна за Стојанче Велинов) поради обид да го намести мечот Металург – Силекс. Мафиозите, наводно од Бугарија според сведочењето на Велинов, останаа далеку од рацете на правдата.

Заднината зошто не се преземаат поостри мерки веќе ја споменав еднаш – ќе треба да се уништи комплетниот македонски спорт. Зашто во другите „посиромашни“ спортови е уште полошо. Eдна инспекција пред неколку години, кога клубовите не беа приватизирани, покажа дека од 12 фудбалски клуба, само еден, Работнички Кометал, редовно ги уплаќал придонесите за играчите. Казни немаше, но на инспекторите по ова не им текна повторно да ја „чепкаат мечката“. Постапувањето според закон ќе значеше мораториум за македонскиот спорт.

Тоа е единствената причина зошто македонската „црна книга“ на фудбалскиот криминал и злоставување фудбалери е сѐ уште неотворена.

Милорад Стојмановски

 

ШТО ОТКРИ „ЦРНАТА КНИГА“

ФИФ-Про пред четири години објави истражување спроведено во 12 земји од Источна Европа - Бугарија, Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Казахстан, Црна Гора, Полска, Русија, Србија, Словенија и Украина. Фудбалските синдикати во овие земји, на 3.357 фудбалери им поделија анкетни листови, што содржеа по 21 прашање од областа на договорите, исплатата на плати, тренирање одвоено од екипата, насилството и местенките. Играчите тешко се согласуваат да отворат душа, дури и со анонимни анкети, поради стравот да не го загубат и тој статус што го имаат. Еве некои од заклучоците:

  • 41,4 процент од нив не добиваат плата навреме, со доцнење и до шест месеци

  • само 53,4 отсто ги добиваат бонусите (премиите) навреме

  • 92,9 проценти од клубовите имаат финансиски проблеми

  • ФИФ-Про најде поврзаност меѓу неплаќањето и местенките. Неисплатените играчи се поподложни за манипулација, дури 11,9 отсто од играчите биле контактирани со такви понуди, а секој втор од нив не добивал плата редовно

  • мобингот е во разни форми: притисок да се потпише нов договор или да се раскине предвреме без отштета или играчот да се согласи на помала плата

  • 15 отсто од играчите биле натерани да тренираат одвоено од тимот, односно сами, некогаш и на температура од минус 20, каков што бил примерот во Русија

  • 11,7 проценти биле предмет на насилство, од кои секој трет напад бил од претставници од клубот

  • 18,5 отсто од фудбалерите воопшто не добивале премии

БРОЈКИ И ПРИМЕРИ ПО ЗЕМЈИ

  • 94 отсто од фудбалерите во Црна Гора не земале редовно плата, а 67,5 отсто во Грција

  • 31,8 проценти во Грција чекале на исплата и повеќе од шест месеци

  • Секој трет играч во Казахстан тренирал сам или бил контактиран заради местенка

  • 36,5 проценти во Чешка биле жртви на расистички напади, главно од навивачи

  • дури 43,5 отсто од играчите во Русија се уверени дека се местат натпревари во нивното првенство

  • Хрватот Марио Чизмек, како „самовработен“ (категорија што ја користат тие што сами си плаќаат придонеси), не добивал плата цела година, бил вмешан во местенка, но откако бил приведен и загубил сѐ, ја отворил душата пред медиумите

  • Никола Никезиќ, поранешен член на Кубан од Русија, бил физички нападнат и под закана со пиштол, откако не се согласил предвреме да го раскине договорот без отштета

Најново во Фудбал