Експресна промоција на уште еден фудбалер во Вардар

Дарко Мицевски се врати во матичниот клуб

Мицевски зад себе има долга интернационална кариера, настапувајќи во екипите на ОФК Белград, Нови Пазар, Слобода Ужице, во Минск, а во Вардар доаѓа од редовите на Ал-Неџмех од Либан.

објавено: 10 јуни 2018 - 16:16

„Црвено-црниот" дрес на Вардар во иднина ќе го носи Дарко Мицевски. Овој 26-годишен играч за врска, денеска се договори со раководството на клубот за соработка во следната година, со можност договорот да биде продолжен на уште две години.

Мицевски зад себе има долга интернационална кариера, настапувајќи во екипите на ОФК Белград, Нови Пазар, Слобода Ужице, во Минск, а во Вардар доаѓа од редовите на Ал-Неџмех од Либан. Од нашите клубови настапувал во Работнички и во Тетекс. Тој е поранешен младински репрезентативец на нашата земја, а интересно е тоа што сите младински категории ги минал токму во дресот на „црвено-црните", каде што се враќа после неколку години пауза.

„Чест ми е и задоволство што ќе играм во дресот на Вардар. Понудата ја прифатив без размислување, и во следниот период ќе дадам се од себе прво да се наметнам и да ја оправдам довербата, а потоа да атакуваме на двојната круна. Малкумина знаат дека јас потекнувам од овој клуб, играв во сите младински категории во Вардар, и ми е многу драго што повторно се враќам во клубот во кој настапував како дете. Од Вардар секогаш се бараат само успеси и само титули. Исто така очекувам успешно да го презентираме клубот и во Европа, како што тоа беше минатата сезона кога Вардар се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа. Прво треба да се изгради екипата, да се воигра добро, а потоа сите заедно да дадеме се од себе да донесеме успех за тимот", изјави Мицевски.

Некогашниот младински репрезентативец добро се познава со дел од новите соиграчи.

Најново во Фудбал