Првакот нема пролетен рецепт за победа надвор од свој терен

Домаќините со мерак го чекаат Вардар на гости

Вардар нема да го одбрани хет-трикот од шампионски титули, а актуелниот македонски првак ја загуби трката со лошата пролетна серија на гостински терен

објавено: 8 април 2018 - 10:00

Вардар нема да го одбрани хет-трикот од шампионски титули, а актуелниот македонски првак ја загуби трката со лошата пролетна серија на гостински терен.

„Црвено-црните“ заостануваат зад лидерот Шкендија за 18 бодови и ќе мора да ја предадат круната, што ја освојуваа трипати по ред. За тоа се виновни најмногу лошите игри на гостински терен, каде Вардар нема забележано победа на пет меча по ред. Сите се во пролетниот дел, кога и дефинитивно „црвено-црните“ се откажаа од титулата.

Од нив еден е поразот од Работнички со 1:2, а останатите четири се нерешени дуели против Академија Пандев и против Шкендија со резултат 1:1 и со Пелистер и Скопје без голови. Ако се смета и куп мечот во Тетово што Шкендија го доби со 4:0, тогаш е јасно дека на Вардар не му оди пролетва на гостински терен. Последна победа надвор од својот стадион на се уште актуелните прваци им е таа против Шкупи во декември во меч од националниот куп со 2:0, а во домашното првенство е триумфот во ноември против Академија Пандев со 2:0.

Најново во Фудбал