Денеска од 17 часот почнува новиот домашен шампионат

Домашна премиера за мерак, Шкендија против Вардар

Големото дерби во македонскиот фудбал меѓу вицешампионот Шкендија и првакот Вардар денеска од 17 часот ќе ја крене завесата на новиот шампионат на Македонија во фудбал. Премиера за мерак, во Тетово, а истовремено во Скопје Работнички и е домаќин на Ренова

објавено: 12 август 2017 - 13:55

Големото дерби во македонскиот фудбал меѓу вицешампионот Шкендија и првакот, денеска од 17 часот ќе ја крене завесата на новиот шампионат на Македонија во фудбал. Премиера за мерак, во Тетово, а истовремено во Скопје Работнички и е домаќин на Ренова.

Двата наши европски претставници, кои месецов ги играат клучните двомечи за историја и прв настап во фаза по групи во Европа Лигата, ќе мораат на мегдан и тоа меѓусебен, во незгоден момент.

Дерби мечевите на домашната сцена имаат посебен шмек, но мислите и на играчите на Вардар и на Шкендија се кон бараж плејофот за пласман во Европа Лигата. Вардар игра со Фенербахче, а Шкендија за ривал го има гигантот Милан, па домашната пресметка, некако минува во сенка на европските предизвици.

Сепак и двете екипи имаа голем ривалитет во последно време, а Вардар е поуспешен. „Црвено-црните“ имаат три домашни титули по ред, а хет-трикот ќе почнат да го бранат на најжешкиот терен за нив, во Тетово.

Десеткратниот првак на Македонија и носител на вкупно 11 шампионски прстени, сметајќи ја титулата од Југославија игра одлично против Шкендија во Тетово. Домаќините се во одлична форма, газат во европските натпревари и си имаат свои сметки. Победа на стартот ќе биде мошне значајна за двата состави во битката за титулата.

Во Скопје, Работнички и Ренова ќе „бегаат“ од традицијата. Во последните 6 меѓусебни дуели, пет завршија без победник, а сите се со малку голови.

Двојки, Прво коло од 17 часот, денеска: Шкендија - Вардар, Работнички - Ренова. Утре: Победа - Пелистер, Силекс - Скопје, Шкупи - Академија Пандев.

Најново во Фудбал