НАТАША АНДОНОВА МОЖЕБИ ЌЕ ИМА ДРУШТВО ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Европската рекордерка од Македонија прави трансфер во најдобрата балканска екипа!

објавено: 17 февруари 2015 - 11:27

Македонската млада и талентирана фудбалерка, Симона Крстаноска (17) од наредната сезона ќе игра во Србија каде што ќе го носи дресот на актуелниот шампион, Спартак Суботица.

Крстаноска која летоска ќе наполни 18 години беше една од најдобрите млади фудбалерки во женската фудбалска лига и поради тоа им „фати око“ на српските скаути кои веднаш ја побараа да потпише тригодишен договор со шесткратниот српски шампион. Поради тоа што сѐ уште не е полнолетна, Крстаноска нема да може веднаш да се пресели во Србија и затоа ќе ја доигра сезоната во редовите на ЖФК Конзули од Битола.

Екипата на Спартак Суботица важи за една од најдобрите екипи на Балканот, а исто така е и единствена балканска екипа која две сезони по ред игра во најелитното евроспко натпреварување, Лигата на шампионите. Моментално, Крстаноска се наоѓа на подготовки со српскиот клуб во комплексот Бања Ковиљача.

simona krstanoska 1

Крстаноска, која знае да настапува на сите напаѓачки позиции е сопственик на рекордот по број на постигнати голови на еден натпревар во Европа. Ланската сезона, нејзината екипа Тиверија со 25-0 славеше над Билјанини Извори, а таа постигна вкупно 15 погодока во мрежата на противникот и го урна рекордот на романската фудбалерка Козмина Душа, која на 31. октомври, 2010 година постигна 13 погодоци во победата на Олимпија Клуж над ЦФФ Клужана (13-2). Со трансферот на фудбалерката која е екс-капитенка на У17 репрезентацијата и актуелна репрезентативка во сениорската репрезентација женскиот фудбал ќе добие многу, гледајќи на фактот дека покрај Андонова, ќе имаме уште една репрезентативка која ќе игра за еден добро организиран клуб и ќе има шанса да игра во најелитното друштво.

М.Т.

Најново во Фудбал