СЕ „ВЖЕШТУВА“ АТМОСФЕРАТА ПРЕД ДЕРБИТО

Фелипе: Да и вратиме на Шкендија за поразот во првото коло

Бразилецот во редовите на Вардар очекува шампионот да освои три бода 

објавено: 12 октомври 2017 - 13:56

Актуелниот првак Вардар, в сабота ја пречекува Шкендија, во дербито на 10 коло од Првата фудбалска лига. Со ова коло започнува вториот круг од првенството. На стартот од шампионатот, Шкендија со 2:0 победи во Тетово, а сега вардарци очекуваат да се реваншираат со иста мерка на дуелот кој се игра на арената „Филип Втори“. 

Еден од најдобрите играчи на Вардар, Бразилецот Хуан Фелипе Алвес Рибеиро вели дека Вардар на секој меч во првенството оди да ги освои трите бода, а посебен мотив е дербито против тетовчани.

„Играме против првопласираниот тим на табелата. Шкендија има многу добар и силен тим, но ние сакаме да победиме и со три бода да им се доближиме на првата позиција. Исто така и Вардар е силна екипа и верувам дека ќе оствариме победа, и на некој начин ќе им вратиме за поразот во првото коло. Играме на домашен терен, ја поканувам публиката да дојде во поголем број и да биде 12 играч на ова дерби за да дојдеме до трите бода. Не само против Шкендија, туку против секој тим секогаш одиме на победа. Секој натпревар во овој шампионат е важен за повторно да ја освоиме титулата. Нашата цел е да бидеме на првото место на крајот од сезоната и затоа на овој натпревар како и на сите одиме на три бода", рече Бразилецот во дресот на „црвено-црните", изјави Фелипе.

Шкендија моментно е лидер на табелата со 25 бода од 9 натпревари. Вардар е втор со девет бода помалку, но и два натпревари за доигрување. Поради настапите во Лигата на Европа, шампионот има заостанати средби против Работнички и Академија Пандев. 

Најново во Фудбал