БРАЗИЛЕЦОТ ПО ГОЛОТ ШТО ГО РЕШИ ДЕРБИТО

Фелипе: Нишанев каде што сакав, многу ми е драго што погодив на така важен меч!

Бразилското засилување на македонскиот првак Вардар, Фелипе експресно ги освои срцата на вардаровите навивачи со своите игри, а посебно откако го реши дербито во Куманово со мајсторскиот гол во 87-та минута од мечот, по кој Шкендија не успеа да се врати, а црвено-црните со трет гол преку Цезар Ромеро ја потврдија слатката победа.

објавено: 18 август 2015 - 15:42

Фелипе уште од мечевите со АПОЕЛ во квалификациите за Лигата на шампионите покажа дека е екстра засилување за вардарци, па во Куманово го даде својот прв гол во црвено-црниот дрес, погодувајќи во горниот агол од голот на тетовци од 16 метри.

„Среќен сум поради голот, но уште посреќен сум поради победата до која дојдовме во еден така важен натпревар со добар противник. При ситуацијата за голот, сакав да погодам онаму каде што стрелав и - усепав во тоа!. Многу ми е мило поради мојот прв гол и што беше постигнат на ваков начин, на така важен натпревар. Беше тешко, но останавме многу фокусирани во финишот кога искористивме грешка на противникот и дојдовме до ново водство, потоа до уште еден гол со кој и дефинитивно излеговме како победници од мечот“, вели Фелипе.

Тој посочува дека во Вардар е одлично примен и се чувствува како долго време да е дел од најтрофејниот македонски клуб, а додаде дека без оглед на триумфот во дербито, мора сите да останат фокусирани на секој следен меч.

„Одлично сум примен во екипата, тоа веќе неколку пати го истакнав. Сите играчи со мене се однесуваат како одамна да сум тука. Кога работиме за тимот на крајот тоа дава резултат што се покажа на мечот со Шкендија. Победивме во важен натпревар, меѓутоа до крајот има уште многу да се игра и затоа сега треба да останеме фокусирани. Патот до првото место е секогаш тежок, иако нашите амбиции се секогаш да бидеме на врвот“, додава Бразилецот.

 

Најново во Фудбал