ПРОГРАМАТА НА ЌЕЛАВКОТО Е НАЈДОБРА ЗА НАС

ФФМ има пет милиони причини да гласа за Џани Инфантино за претседател на ФИФА

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) заедно со сите регионални сојузи и буквално цела Европа му даде поддршка на досегашниот генерален секретар на УЕФА, Џани Инфантино за да ја добие претседателската фотелја во Светската фудбалска федерација (ФИФА) на задутрешниот изборен Конгрес на светската организација.

објавено: 24 февруари 2016 - 14:51

Пет кандидати трчаат во претседателската битка, во која засега копјата ќе се кршат помеѓу европскиот предлог – Инфантино и азискиот предлог – шеикот Салман од Бахреин. Петте кандидати веќе од поодамна ги објавија своите манифести, како планираат да ја средат најголемата фудбалска организација, која во изминативе 18 месеци ја преживува најголемата криза со низата скандали и апсења за мито и корупција.

Десната рака на Мишел Платини, Инфантино, кој излезе резервна опција за ФИФА по суспензијата за француската легенда поради „нелојална исплата“ заедно со актуелниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер од наш аспект има и најдобра програма. ФФМ добро ќе се офајди од негова победа, па и оттаму не е чудно зошто Илчо Ѓорѓиоски и цела Европа му даде безрезервна поддршка и сето тоа треба да го потврди на гласањето в петок.

Ѓорѓиоски утре ќе присуствува на вонредниот Конгрес на УЕФА, каде уште еднаш меѓудругото ќе се повтори поддршката за Инфантино, како и битката за докажување на невиноста на Платини, само ден пред изборниот Конгрес во ФИФА.

На Конгресот на ФИФА, Африка има најмногу членки 54, Европа има 53, Азија со 46, Северна и Средна Америка (КОНКАКАФ) 35, Океанија 11 и Јужна Америка 10.

Ова се најинтересните поенти од манифестите на петте кандидати за претседател на ФИФА.

ЏАНИ ИНФАНТИНО

- реформи, демократија и транспарентност, фудбалски развој

- поделба на моќта и функциите, ограничени мандати, независни комитети, Совет на ФИФА, силна администрација...

- пет милиони долари за четири годишен циклус за секоја федерација – инвестиции во фудбалски проекти

- еден милион долари за четири години за трошоци за патувања за секоја федерација на која и се потребни

- дополнителни развојни програми за уште поголем развој

- легендите да се вклучат во фудбалот, со мечеви низ континентите за дополнителна промоција на фудбалот

- проширување на Светското првенство на 40 селекции, реформи во рангирањето на ФИФА, рорација на Мундијалите, можност за заедничка организација на повеќе земји, па и региони

ПРИНЦ АЛИ ОД ЈОРДАН

- зголемување на ФАП програмата од 250 илјади долари на еден милиони долари, почнувајќи од секој јануари во тековната година за секоја федерација

- поголем развој на женскиот фудбал, на развојот на тренери, поголема поддршка за федерациите со владите

- деполитзација на ФИФА, професионализам во ФИФА

ЖЕРОМ ШАМПАЊ

- двојно зголемување на парите за ФАП-програмата за развој

- развој на посебна програма за професионални и аматерски фудбал со цел да им се помогне на националните федерации за поддршка на развојот на локалниот фудбал

- демократска, транспарентна, солидарна ФИФА, организација која ќе биде попрофесионална од досега

ШЕИК САЛМАН БИН ЕБРАХИМ АЛ КАЛИФА

- зголемување на број на учесници на СП е добра работа, но не е алатка за добивање избори

- комплетни реформи во ФИФА, пред сѐ поделба на два сектори „Фудбал ФИФА“ и „Бизнис ФИФА“

- без посебни „финансиски премии“ за националните асоцијации, но со програми за развој на инфраструктура, грасрут-програми,

- регионални натпреварувања, можна реорганизација на квалификации, ревизија на календар за натпревари, задолчителен четиринеделен одмор за фудбалери, најмалку два дена одмор по меч

ТОКИО СЕКСВЕЈЛ

- без конкретни проекти и награди за федерациите

- реформи и демократизација на ФИФА

- битка против секој облик на дискриминација

- развој на поголемиот дел од фудбалски неразвиените земји, еднаков развој насекаде

- заштита на фудбалерите од експлоатација и на децата и спречување на трговија со малолетници во фудбалот.

Најново во Фудбал