ДЕТАЛИ ОД ФИНАНСИСКИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА 2015 ГОДИНА

ФФМ потрошила еден милион евра за плати и хонорари - 230.000 евра повеќе од 2014!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) потрошила повеќе од еден милион евра само на плати за својата администрација, како и за хонорари на вработените со договор на дело, меѓу нив и платите на селекторите на националните селекции - покажува финансискиот извештај на Куќата на фудбалот за изминатата 2015 година, кој беше едногласно усвоен од делегатите на саботното редовно Собрание на ФФМ.

објавено: 7 март 2016 - 14:46

Под ставката на плати и трошоци за повремени работи (договори на за повремени работи на соработници и селектори), ФФМ вкупно потрошила 65.287.401 денари или 1,06 милиони евра, што е зголемување за речиси 230 илјади евра (227 илјади евра) од трошоците што ФФМ ги направила во претходната 2014 година.

Администрацијата на ФФМ и вработените во куќата на фудбалот ја чинат Федерацијата 38.360.601 денар или 623.749 евра и е за речиси осум ипол милиони денари (138 илјади евра) повеќе од годината претходно, кога на бруто плати биле исплатени 29.872.429 денари (485.730 евра). Кај договорите за повремени работи потрошени се 26.926.800 денари (486.614 евра) и е за 5,8 милиони евра (94.403 евра) повеќе во однос на лани, кога биле исплатени 21.120.994 милиони денари (343.429 евра), со напомена дека во 2015 година е зголемен бројот на мечеви на сите селекции, а во трошоците е вклучен и надоместот за оштета на селекторот на А-репрезентацијата (во 2015 година беа сменети два селектори – Бошко Ѓуровски и Љубинко Друловиќ).

Трошокот за плати е трета најголема ставка во трошоците на федерацијата во изминатата година. Најмногу пари се потрошени на инфраструктура и тоа за изградба на стадиони и терени, како и изградбата на стадиончето на ФФМ со сума од 115.121.151 денари или 1,87 милиони евра. Втора најголема ставка е трошокот за организација на мечеви на националните селекции со сума од 110.786.346 денари или 1,8 милиони евра.

ФФМ во изминатата 2015 година имала буџет од 7,16 милиони евра (440.929.885 денари), од кои најголем приход, две третини се пари кои се слеваат од УЕФА и од ФИФА (352.664.820 денари или 5,73 милиони евра), а Куќата на фудбалот повторно остварила профит, затоа што потрошила 6,66 милиони евра (409.815.297 денари) во минатата 2015 година. За разлика од минатата година, кога профитот беше 600.000 евра, кои беа пренесени како приходи и за минатата година, сега тој е нешто помал и изнесува 31.114.588 (505,928 евра) пред оданочување, односно оданочен нето вишок 28.894.078 денари (469.822 евра).

Никола Богојевски

Најново во Фудбал