А ИДНИНАТА НЕЛИ, ОСТАНУВА НА МЛАДИТЕ

ФФМ на телефони и маркетинг троши колку што е буџетот на младата репрезентација!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на телефони, мобилни и на маркетинг во 2015 година потрошила сума која е речиси еден годишен буџет за младинскиот тим до 21 година, најталентираната и најекспонирана наша селекција. Ова го покажува завршната сметка на куќата на фудбалот, која изминатиот викенд едногласно беше усвоена на Собранието на ФФМ.

објавено: 9 март 2016 - 13:48

Вкупно 173 илјади евра биле потрошени од ФФМ на мобилни телефони, телефонски услуги, поштарина и ПТТ, како и на маркетинг на Федерацијата, што е 28 илјади евра помалку од предвидениот буџет на младинската репрезентација за 2016 година. Македонските надежи кои се предводени од Боби Милевски, и кои по добрите настапи имаат шанси да се бори дури и за место на Европското првенство, добиваат нешто ситно повеќе од вкупниот лански трошок на ФФМ за мобилни, телефони и за маркетинг.

ФФМ на поштарина, мобилни и на телефони вкупно потрошила 93.113 евра (5.726.489 денари), што е 15 илјади евра повеќе од 2014 година. Но, тенденциите на трошење уште повеќе се зголемуваат, зашто во буџетот за 2016 година, во ФФМ предвиделе да потрошат 84 илјади евра на овие услуги - 60.000 евра на мобилни и уште 24.000 за фиксна телефонија.

Трошат 50 илјади евра годишно за да го заштитат брендот на ФФМ!?

Ланзи, за маркетинг, ФФМ потрошила 80.487 евра (4.950.000 денари), што е за пет илјади евра повеќе од 2014 година. Но, за годинава, зголемувањето е огромно - Федерацијата предвидела буџет од 258.550 евра за таа намена! Од овие пари, 70 илјади евра се предвидени за фан-шопот, а останатите 180 илјади се за промоција на брендот на ФФМ (50 илјади евра), комуникација со медиуми и продукција (96.000 евра), промоција на настани (23.500 евра), видео и аудио продукција (11 илјади евра)...

Севкупно, ФФМ на режиски трошоци во 2015 година потрошила 45.830.601 денари (745.213 евра) во кои покрај трошоците за комуналии и струја, влегуваат трошоци и за канцелариски и потрошен материјал, шпедиција, мобилни телефони, ПТТ-услуги, адвокатски, печатарски, графички, угостителски услуги, одржување на компјутери...

На царина и шпедиција ФФМ лани потрошила 200.000 евра (12.480.493), исто како и во 2014 година, но годинава за десетпати го намалуваат трошокот  - ќе платат 18 илјади евра (12 илјади за царина и шест илјади за шпедиција).

Во ставката угостителски услуги потрошени се 44.347 евра (2.727.395 денари) што е за 19.288 евра повеќе (1,1 милион денари) во однос на 2014 година кога овие трошоци биле 1.541.133 денари. За четирипати се зголемиле трошоците и на графички услуги од 261.306 денари на дури 930.200 (15.125 евра), двојно зголемување има и кај печарарските услуги на 2.202.023 (35.805 евра) од претходната година кога биле 1.139.710 денари или за 1,06 милиони денари повеќе (17.273 евра). Двојно зголемување има и на издатоците за спортски активности од 475.122 денари (7.725 евра) во 2014 година на на речиси милион денари (998.900 денари) или 16.230 евра во 2015 година.

Никола Богојевски 

Најново во Фудбал