ИСТОРИЈАТ НА ДВОЈНИТЕ АРШИНИ НА КУЌАТА НА ФУДБАЛОТ

Автогол во битката за подобар фудбал: ФФМ постојано е за едни мајка, а за други - маќеа!

Сакаше да биде пример како ќе ги решат горчливите проблеми со национализам и хулиганство во земјава, но Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) почнувајќи од прекинатото куп-финале Шкендија – Тетекс поради изживување на навивачките групи успеа да си даде само автогол во битката за искоренување на национализмот и недостојното однесување, подобрување на безбедноста... Попрецизно, за две години, Куќата на фудбалот на ова поле направи сѐ само не – правда.

објавено: 28 април 2016 - 10:36

Откако го казни Вардар со два меча суспензија за инцидент на трибините, а Шкупи со само шест за „тепање фудбалери“, ФФМ и понатаму тера по принцип „за едни мајка, за други – маќеа“. Веќе две години по дисциплинските билтени и одлуки не видовме еднаквост и правичност. За секој инцидент, релативно ист или сличен, казните се – различни. Едни (по)милувани, други остро казнувани.

Вчерашните одлуки на дисциплинската комисија уште еднаш ги покажаа „двојните аршини“ и секојпат кога на еден ќе му се попушти, како бумеранг се враќа постапката и наместо уште поголема казна, ФФМ ја тера на речиси двојно помала.

Ова е хронологија на дел од казните за кои ФФМ еднакво не ги казнува клубовите за речиси исти престапи. Или што се вели, за едни ФФМ е мајка, а за други – маќеа! Дисциплински комесар на ФФМ е – Блерим Бесими.

2 април 2014 – ЌОТЕЌ ПРЕД МЕЧ – 750 ЕВРА!?

Фудбалерите на Скопје избегнале линч пред почетокот на својот меч со Зајас, откако пеколен дочек им приредиле домашните навивачи на фудбалерите од Автокоманда. Затоа што немало полиција, навивачите им удриле ќотек пред средбата, а тројца фудбалери биле повредени. Сепак, по консултации со ФФМ решиле да го одиграат мечот. Зајас заврши на дисциплинска комисија и доби казна од - 750 евра. Причина - присуство на неслужбено лице.

13 август 2014 – НАВРЕДИ НА ДВЕ СТРАНИ, КАЗНА САМО ЗА ЕДЕН!?

Фудбалскиот клуб Вардар е предаден на дисциплинска комисија за недолично и навредливо однесување на навивачите и погрдни извици кон Албанците по дербито со Шкендија (3-0) на стартот на сезоната 2014/15. ФФМ не покрена дисциплинска постапка за Шкендија, иако мала група на симпатизери еднакво ги навредуваше Македонците. Вардар доби парична казна од 1.500 евра

8 октомври 2014 – ЗА КАМЕН ПО ГЛАВА ПАРИЧНА КАЗНА, ЗА НАЦИОНАЛИЗАМ ВО ПРИЛЕП – ЧЕТИРИ МЕЧА СУСПЕНЗИЈА!?

Шкендија заработи казна од 2.500 евра за националистичко и навредливо однесување на своите навивачи, употреба на пиротехника и фрлање на тврди предмети, од кои еден (камен) заврши во главата на вардаровиот голман Игор Павловиќ. Четири месеци претходно, на 31 мај 2014 година, Победа јуниор заработи казна од четири меча без присуство на публика и 600 евра парична казна за националистичко навивање и употреба на пиротехника на своите навивачи на меч со Влазрими.

19 ноември 2014 – ЗА НАВРЕДИ КОН ФФМ И СКАНДАЛОЗНА ПАРОЛА ЗА ПЛАТИНИ – ИСТА КАЗНА!?

Навивачите на Шкендија истакнаа скандалозна порака за претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Мишел Платини, која ја обиколи и ја згрози цела Европа. Пораката беше одговор на малата првична казна за Србија од страна на УЕФА по случајот „дрон во Белград“. Навивачите на Шкендија ја истакнаа паролата на дуелот со Металург и гласеше: „Драг Платиновиќ (се однесува на Мишел Платини)! Тие ги истепаа нашите фудбалери и победија 3-0. Ако ги убиеме на реваншот, ќе добиеме директен пласман на Евро 2016?“.

Дуелот по истакнатата парола воопшто и не беше прекинат, а судијата Марјан Ецкоски тогаш рече: „Немаше ни прекин ни ништо, нормален тек имаше мечот. Не го прекинавме ни кога го истакнаа транспарентот бидејќи делегатот Џевдет Далипи не реагираше. Мечот продолжи без никаква опомена кон навивачите“, ни изјави Ецкоски.

Дисциплинецот на крајот „пресече“ - Шкендија казнета со 1.500 евра. Во исто време, навредите на „Комити“ кон ФФМ на меч на Вардар имаа ист третман – 1.500 евра.

4 декември 2014 - „БИТОЛА Е АЛБАНСКИ ГРАД“ - 1.500 ЕВРА!?

Навивачите на Шкупи на второлигашкото дерби во минатата сезона против Младост Царев Двор истакнаа парола „Битола е албански град“. ФФМ дури по реакцијата на јавноста го предаде чаирскиот клуб на дисциплинска. И таму, најновиот иредентистички испад беше „остро“ санкциониран – касата на Шкупи олеснета за 1.500 евра. Севкупно, затоа што во пријавата имаше два прекини поради употреба на пиротехнички средства.

21 август 2015 – ТЕПАЈ МЛАДИНЦИ ЗА ТРИ МЕЧА БЕЗ ГЛЕДАЧИ!?

Фудбалската федерација на Македонија и комисијата за молби и жалби тајно ја намали суспензијата на Шкупи од десет меча на само три со условна казна за клубот, поради нападот на навивачи врз младинците на Вардар по меѓусебното полуфинале во Купот одиграно на Чаир на 15 април. Вардаровите младинци беа нападнат по завршувањето на мечот, откако надежите во црвено-црно реагирале кај судијата, а да ги линчуваат им се пуштиле колегите ос спротивниот табор и дел од навивачите на трибината.

Четири младинци беа повредени во нападот, а брзата реакција на полицијата спречила уште поголем хаос и потешки повреди. На 30 април 2015 година, дисциплинската комисија донесе одлука за суспензија на Шкупи со по 10 мечеви за секоја категорија, но потоа скандалозно таа остра санкција беше намалена.

3 септември 2015/27 април 2016 – ЛОЖАТА НАПАДНАТА, АВТОБУСОТ КАМЕНУВАН, АМА СУСПЕНЗИЈА НЕМА!?

Шкендија заработи парична казна од 2.000 евра за недоволно обезбедување на ВИП-ложата, недолично однесување на публиката и употреба на пиротехнички средства од страна на дисциплинската комисија на ФФМ. Вардаровата управа преживеа еднаков хорор како таа на Шкендија неодамна, плус по мечот лутите симпатизери удрија со камења и факли кон автобусот и службените простории. Шкендија доби парична казна, а за автобусот немаше – ништо.

Вчера, дисциплинецот на ФФМ, донесе одлука да се казни Вардар парично со 1.500 евра и два меча надвор од Скопје поради лоша организација на дербито со Шкендија одиграно на 17 април, кога дел од навивачите на јужната трибина ја нападнаа ложата, а по брзата реакција на полицијата, раководството на Шкендија беше експресно евакуирано и мечот го проследи потоа на северната трибина.

20 октомври 2015/4 април 2016 – ЗА НАПАДНАТ СУДИЈА СЕДУМ МЕЧА, ЗА ТЕПАЊЕ ФУДБАЛЕРИ – ШЕСТ!?

Поранешниот македонски шампион Победа, која е на пат да се врати во елитата, сезонава во Втората лига заработи остра санкција – седум меча надвор од Прилеп. Прилепчани беа остро санкционирани за прекинот што го направија навивачите на клубот на дербито со Македонија ЃП, кога влетаа на терен и го бркаа и нападнаа судијата на мечот (Далибор Ѓорѓевски) незадоволни од нивната арбитража. Прекинот се случи во 72-та минута при водство на „лавовите“ со 1-0. Победа патем доби и – 2.500 евра казна.

Нецели шест месеци потоа, на 4 април, тежок инцидент се случи кај „условно казнетиот“ Шкупи на Чаир. Клубот, чија суспензија (читај погоре беше намалена од 10 на три меча) вчера доби само шест средби суспензија, иако неговите навивачи повторно нападнаа фудбалери. И тоа, им удрија ќотек. Приврзаниците на Шкупи по завршувањето на дербито одиграно на почетокот на овој месец, прво со стаклено шише во грбот го удрија Горан Попов, потоа ги нападнаа Томе Пачовски и Бобан Грнчаров, а на крај најтешко мина – Дамир Којашевиќ. Зимското засилување на црвено-црните беше нокаутиран. Шкупи мина (по)лесно, со шест меча и 1.500 евра казна (1.000 помалку од Победа) за сличен инцидент. За Шкупи ова е втор инцидент во само една година (15 април 2015 - 4 април 2016).

6 април 2016 – И ЧЕТИРИ ПОЛИЦАЈЦИ ПОВРЕДЕНИ, АМА СУСПЕНЗИЈА – НЕМА!?

Голем инцидент се случи само три дена по хаосот на Чаир на градското дерби Шкупи – Вардар. Овојпат Шкендија беше домаќин и тоа против Силекс, а жестока пресметка со десетминутен прекин предизвика тепачката на навивачите на тетовци и приврзаници на Шкупи. Пресметката, според официјалниот билтен на МВР заврши со четири повредени полицајци и со демолирани автобуси на гостинските навивачи по мечот. Инцидент на трибини е еднаков престап како и инцидентот на дербито Вардар – Шкендија, дури има и повредени чувари на јавниот ред и мир. Засега, суспензија или казна без публика, надвор од својот терен за Шкендија – сѐ уште нема. Прашање е дали воопшто и ќе има?

Никола Богојевски

 

Најново во Меѓународен Фудбал