НОВО ИМЕ КАЈ „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“

Филип Најдовски е нов играч на Вардар

Тој е поранешен член на младинската репрезентација на Македонија, кога селектор беше токму сегашниот шеф на стручниот штаб, Бобан Бабунски.

објавено: 10 јуни 2018 - 16:06

Фудбалерот за врска Филип Најдовски, е нов член на Вардар. 25-годишниот играч пристигна кај скопските црвено-црни од тимот на Победа Прилеп. Тој е поранешен член на младинската репрезентација на Македонија, кога селектор беше токму сегашниот шеф на стручниот штаб Бобан Бабунски.

Договорот на Најдовски со „црвено-црните" е на една година, со можност за продолжување на соработката и во следните две.

„Вардар е најголем клуб во Македонија, чест и привилегија е да се биде дел од овој тим. Идната сезона очекувам да се бориме да ја вратиме титулата онаму каде што припаѓа, и да ја освоиме двојната круна. На Вардар секогаш му доликува да се бори да биде најдобар во секоја конкуренција", рече Најдовски.

Најдовски и неговите нови соиграчи ги очекуваат летни подготовки, а потоа и настапи во квалификациите во Лигата на Европа.

„Очекувам да се наметнам во екипата, и да ја оправдам укажаната доверба. На подготовките секој ќе ја добие шансата, и очекувам да ја искористам. Потоа не очекуваат натпревари во Лигата на Европа. Секако дека посакувам да го повториме минатосезонскиот успех, и да се пласираме во групната фаза ако е можно. Тоа би било одлично", изјави новиот играч на „црвено-црните".

 

Најново во Фудбал