ЗАМЕНИК КАПИТЕНОТ НА „ЦРВЕНО - ЦРНИТЕ“ СО НАЈАВА

Гачевски: Овој Вардар оди по титула!

„Тоа што сите не отпишаа нас ни дава дополнителен мотив. И покрај проблемите во клубот, во екипата имаме супер атмосфера, токму и затоа победуваме. Целта е да го вратиме шампионскиот пехар во нашите трибини", вели Филип Гачевски.

објавено: 25 септември 2018 - 13:00

По се она што се случуваше во изминатите месеци, по сите оние силни проблеми со кои се соочуваше Вардар како клуб, речиси во сите прогнози пред стартот на сезоната провејуваа мислења дека оваа сезона „црвено - црните" немаат никакви шанси да се борат за самиот врв.

И, ако се земе што се случува во изминатите шест кола, веројатно погрешија. Имено Вардар гази, победува, сега има 14 бодови, само бод помалку од лидерот А. Пандев и исто колку и најголемиот фаворит Шкендија.

„Е па, така е. Тоа што сите не отпишаа нас ни дава дополнителен мотив да играме онака како што играме, а играме добро. Тоа мора сите да го признаат. И покрај проблемите во клубот, во екипата имаме супер атмосфера, токму и затоа победуме. Еве, јас како заменик капитен мора да кажам дека нашата цел е освојување на титулата и враќање на шампионскиот пехар во нашите клупски витрини. Вардар е најголемиот бренд во Македонија и го личи да освојува пехари и титули", истакнува Филип Гачевски, голманот на Вардар.

ШКЕНДИЈА КАКО ДИРЕКТЕН КОНКУРЕНТ

Инаку тој се сложува дека и оваа сезона, како и во минатите неколку, главната битка ќе се води меѓу Вардар и Шкендија.

„Па не треба да се премногу паметен да за кажеш дека таа битка повторно ќе се води меѓу Вардар и Шкендија. Сите медиуми ја преферираат Шкендија како најголем и единствен кандидат, но ние уште во првото коло во Тетово на гости кај шампионот покажавме дека имаме сила, знаење и квалитет да се носиме со таа екипа. Мислам дека силен Вардар на сите им одговара, со Вардар кој се бори за врвот првенството е многу поинтересно. И така и ќе биде, верувајте".

НЕ БИ ГО ОТПИШАЛ РАБОТНИЧКИ

Покрај Вардар и Шкендија, за Гачевски еден од притаените фаворити е и Работнички, иако Академија Пандев игра феноменално и моментално е прва. И пред Шкендија и пред Вардар.

„Јас посебно ги ценам „пандевци", можеби го играат најубавиот фудбал во земјата, но ајде да се потсетиме дека така беше и лани. И лани Академија Пандев на стартот беше одлична но, потоа дојде до пад. Очекувам така да биде и сезонава. Да се разбереме, Академија Пандев има млада екипа и не знам колку имаат сила за да издржат во оваа темпо. Инаку јас не би го отпишал и Работнички. Искрено, како голман на Вардар мене ми е најтешко кога играме против Шкендија и против Работнички. Се виде и на саботниот меч дека „романтичарите" имаа неспорен квалитет кога до таа 30 минута навистина против нас играа добро. Вардар игра под притисок само против Шкендија и Работнички, тоа нешто кажува и за противниците. Па така јас очекувам и нашиот сосед да се вмеша во битката за највисок пласман" рече на крајот Филип Гачевски.

Васоски е вистинскиот

„Секако дека по елиминацијата во ЛЕ од Пјуник, беше лошо, и во екипата. Но тогаш за главен тренер беше назначен Александар Васоски, и тоа беше полн погодок. Васоски има голема, ако не и пресудна улога во изминатите шест кола".

Најново во Фудбал