ТРЕНЕРОТ НА РАБОТНИЧКИ ЗАДОВОЛЕН ОД СЕЗОНАТА

Ѓоре Јовановски: Со напорна работа ја остваривме целта

Шефот на струката на „романтичарите“ вели дека најважно е што целта е исполнета, и тимот повторно ќе игра во Европа

објавено: 22 мај 2018 - 14:45

И покрај одредени проблеми во периоди од штотуку завршеното првенство, сепак, Работнички дојде до она што посакуваше, да обезбеди место во Европа престојното лето. Се сменија неколку тренери, за на крајот искусниот Ѓоре Јовановски да ја најде добитничката комбинација и да го пласира тимот во Лигата на Европа. 

„Работевме напорно, честитки за фудбалерите кои издржаа огромен притисок и вложија големи напори, но сега со задоволство можеме да кажеме дека мисијата е комплетирана. Целта на клубот беше да обезбеди повторно учество во европските купови и среќни сме што успеавме да го реализираме тој план. Морам да кажам дека тимот одигра феноменално оваа пролет, надоместивме двоцифрена бодовна разлика и на крајот завршивме на посакуваната трета позиција", анализира тренерот Ѓоре Јовановски.

Фудбалерите веќе добија одмор, а стручниот штаб заедно со раководството ќе се селектира и тимот за следната сезона, за настапите во Лигата на Европа, но и за предизвиците во новиот шампионат.

„Фудбалерите добија заслужен одмор до 10 јуни. И тоа со јасна порака, да не размислуваат воопшто за фудбал, туку убаво да се одморат, затоа што вложија натчовечки напори во изминатиот период. Во меѓувреме, стручниот штаб ќе работи со младинците, сакаме да видиме со каков потенцијал располагаме, а секако ќе има и нови засилувања во овој летен преоден рок", истакнува шефот на стручниот штаб.

Најново во Фудбал