Подобро не можеше, прослави стоти меч со евроголови

Хамбарѕумјан: Од нас бековите се очекуваат асистенции, јас распалив двапати за стотката што ќе ја паметам

Хофханес Хамбарѕумјан е среќен што со два еврогола го прослави јубилејот во Вардар и стотиот настап во „црвено-црниот“ дрес, а вели дека мечот против Академија Пандев долго ќе го памети

објавено: 11 декември 2017 - 16:00

Хофханес Хамбарѕумјан е среќен што со два еврогола го прослави јубилејот во Вардар и стотиот настап во „црвено-црниот" дрес, а вели дека мечот против Академија Пандев долго ќе го памети. Со две прецизни бомби од далечина ерменскиот репрезентативец си го филуваше денот за славје.  

„Секој фудбалер посакува еден ваков јубилеј, а мојот 100-ти натпревар ќе го паметам уште долго. Затоа што постигнав два убави гола. Мислам дека тоа е заслуга на целиот тим, а уште поважно е тоа што успеавме да победиме во тој натпревар и да освоиме три бода. Навистина ми е драго што на крајот сè излезе како што треба, и за мене и за екипата", вели популарниот Хоф за клупскиот сајт на Вардар.

На ерменскиот репрезентативец и буквално се му се погоди, иако играше на неприродна позиција како лев, наместо десен бек против струмичани.

„Јас играм на позиција од која што не може да се очекува да се постигнуваат голови, и повеќе сум задолжен да го бранам мојот гол. Од нас бековите сигурно повеќе се очекуваат асистенции, но во неделата на некој начин се поклопија работите. Секогаш кога имам шанса да постигнам гол, се обидувам. Со Академија Пандев ми успеа на два пати и тоа со удари од далечина."

Го памети и почетокот во Вардар, дуелот со вечниот ривал Пелистер, а посакува уште многу европски авантури со Вардар.

„Нормално најмногу ќе го паметам овој 100-ти натпревар во кој постигнав два гола. Од другите натпревари, во првенството ќе ми остане во сеќавање првиот натпревар и моето деби во дресот на Вардар против Пелистер. Секогаш некако првите натпревари се паметат, веројатно кај секој играч е тоа така. А, од меѓународните натпревари, дефинитивно мечот со Фенербахче кога обезбедивме пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Прво, тој домашниот меч после кој се стекнавме со добра предност, и потоа реваншот во Истанбул. Бевме малку резервирани после случувањата на мечот со Копенхаген, но верувавме во себе. Таква шанса не смееше да се испушти, и ние успеавме да ја искористиме и на клубот да му донесеме историски успех. Чест е и задоволство што станав дел од фудбалери кои се нашле во мојата улога во минатото, и што успеав на некој начин да се запишам во историјата на овој клуб. Драго ми е што овој мој јубилеј дојде во годината која што со златни букви ќе биде запишана, и што сум дел од оваа генерација која го направи најголемиот меѓународен успех. Се надевам дека секоја година клубот ќе прави ваков успех, затоа што тоа беше едно одлично искуство како за клубот, така и за играчите, а од друга страна и привилегија да се биде дел од натпреварување во кое учествуваат такви големи тимови. Мило ми е што успеавме, и што во овие изминати три месеци направивме цела Македонија да се гордее со нас".

Најново во Фудбал