Тетовци подготвени го чекаат дербито

Хасани: Сега сме фаворити против Вардар, со победа ќе бидеме блиску до титулата

Ферхан Хасани вели дека по неколку сезони, конечно Шкендија ја има пол-позицијата во однос на големиот ривал Вардар и сега „црвено-црните“ од Тетово се фаворити, пред утрешното дерби со шампионот

објавено: 13 февруари 2018 - 13:47

Ферхан Хасани вели дека по неколку сезони, конечно Шкендија ја има пол-позицијата во однос на големиот ривал Вардар и сега „црвено-црните" од Тетово се фаворити, пред утрешното дерби со шампионот.

Од 14 часот под Шара утре ќе се игра дербито на сезоната, а со победа Шкендија ќе биде на плус 11 бода во однос на Вардар и речиси со сигурност ќе ја освои титулата. Вардар исто така мора да игра на победа, за да се доближи до лидерот на пет бодови, што ветува возбудлив меч.

„Конечно по подолг период ние сме први на табелата пред едно вакво дерби и сега сме фаворити. Но, притисок некаков посебен нема, иако со сите сили ќе се обидеме да победиме. Ако успееме, мислам дека 11 бодови ќе бидат недостижна разлика. Но, не смееме да се залетуваме, иако се е во наши раце. Играме дома, пред своја публика, имавме одлични подготовки, што ветува успех. Верувам дека нашите предности ќе ги искористиме на терен и ќе славиме победа“, вели Ферхан Хасани.

Од другата страна го чека познат ривал, Бобан Грнчаров, а нетрпеливоста меѓу капитените на двата тима е познато. Сепак Хасани ја смирува топката и вели дека се ќе се реши во фер битка.

„Секогаш сум мислел само на фудбал. Дерби е нормално е да има искри на теренот. Јас имам играно и во странство и учен сум да го почитувам противникот. Верувам дека се ќе мине без никакви провокации“, додаде Хасани.

Најново во Фудбал