Ефикасно коло и победи на фаворитите Вардар и Шкендија

Хет-трик на Емини, магичен гол на Фелипе и чудесен пресврт на Работнички

Прв хет-трик постигна Изаир Емини, откако се врати во Шкендија, а во Тетово настрада Силекс со пораз од 0:5. Шестото коло мина и со белег на Хуан Фелипе и неговиот магичен гол за победа на Вардар против Ренова и во знак на чудесниот пресврт на Работнички против Победа во Прилеп

објавено: 20 септември 2017 - 17:35

Прв хет-трик постигна Изаир Емини, откако се врати во Шкендија, а во Тетово настрада Силекс со пораз од 0:5. Шестото коло мина и со белег на Хуан Фелипе и неговиот магичен гол за победа на Вардар против Ренова и во знак на чудесниот пресврт на Работнички против Победа во Прилеп.

Во ефикасното коло со 17 погодоци, покрај се приказната број еден во досегашните шест кола веројатно е Академија Пандев. Новите прволигаши газат одличноп, а денеска со триумф против Пелистер со 2:0 се пробија на второто место на табелата со 11 бодови. Стрелци на головите за Академците на Пандев беа Балдовалиев од пенал и Американецот Боувен.

Шкендија го декласира Силекс со петарда и со хет-трик на Изаир Емини и остана на врвот на табелата со 16 бодови. Емини беше немилосрден, а најубавиот гол го постигна Ферхан Хасани од слободен удар. Стрелец беше и Бесарт Абдурахими за нова убедлива победа на Шкендија.

Вардар играше сефте во Маџари на стадионот „Борис Трајковски“ и се намачи против Ренова. Двата велемајсторски потези на Хуан Фелипе му донесеоа победа на шампиониот од 2:1. Најпрво Бразилецот без гледање со прекрасна асистенција му отвори чист простор на Демири во 26. минута, а на бекот на Вардар не му беше тешко да го проигра осамениот Барсегјан, кој погоди за 1:0. Прекрасен гол за израмнување постигна Емран Рамадани во 40. минута. Од далечина го изненади Гачевски за 1:1, но Фелипе со нова мајсторија во вториот дел ја врати предноста за Вардар. Во 83. минута Бразилецот како од топ шутираше кон голот на Кобетиќ и го погоди самиот агол. Феноменален гол за победа на Вардар.

Победа водеше со 2:0 по првото полувреме против Работнички, а потоа на сцена стапија гостите и со 4 погодоци во вториот дел ја забележаа првата победа во шампионатот. Во градското дерби Пкупи беше подобар од Скопје и со голот на Стојковски ги освои бодовите.

Резултати: Шкендија - Силекс 5:0, Вардар - Ренова 2:1, Академија Пандев - Пелистер 2:0, Победа - Работнички 2:4 и Шкупи - Скопје 1:0.

Табела: Шкендија 16, Академија Пандев 11, Вардар (еден меч помалку) и Шкупи по 10, Пелистер 8, Силекс 6, Работнички (-1), Ренова и Победа по 5, Скопје 3.

Најново во Фудбал