По третпат е на истото место

Хет-трикот на Јовановски во Работнички буди шампионски спомени во Градски Парк (Фото)

Ѓоре Јовановски се врати во Градски Парк, по третпат е кормилар на Работнички и ги врати спомените од убавите времиња кога со него на кормилото „романтичарите“ освојуваа титули

објавено: 3 април 2018 - 15:00

Ѓоре Јовановски се врати во Градски Парк, по третпат е кормилар на Работнички и ги врати спомените од убавите времиња кога со него на кормилото „романтичарите" освојуваа титули.

Јовановски ја прифати понудата на првиот човек на клубот, Драган Поповски, да го превземе кормилото на Работнички до крајот на сезоната, а ако успее да избори настап во Европа, можно е соработката да продолжи.

Јовановски е најтрофејниот тренер на Работнички кога се работи за титулите во домашното првенство. Освои две од вкупно четири кои се во колекцијата на клубот од Дебар Маало.

„Доаѓам во позната средина и ова ми е третпат да бидам тренер на Работнички. Ги познавам поголемиот дел од играчите и познати ми се и амбициите на клубот. Мислам дека брзо ќе се прилагодиме едни на други. Нешто радикално не можеме да смениме. Верувам во фудбалерите, ќе се обидеме психолошки да го кренеме нивото. Сега мислиме само на следниот меч со Силекс“, изјави Јовановски.

Со искусниот „лисец“ и амбициите на Работнички се многу поголеми, а прва цел е да се обезбеди настап во европските купови.

 

Најново во Фудбал