КАКО ШТО НАЈАВИВМЕ

Христов и официјално директор на Акдемијата на Вардар: Ќе се трудам да поставиме стандарди

Ѓорѓи Христов е назначен за нов директор на младинската Академија на фудбалскиот клуб Вардар. На ова место Христов ќе го наследи Бобан Бабунски, кој што стана нов шеф на стручниот штаб на сениорската екипа на „црвено-црните".

објавено: 18 јуни 2018 - 15:34

Ѓорѓи Христов е назначен за нов директор на младинската Академија на фудбалскиот клуб Вардар. На ова место Христов ќе го наследи Бобан Бабунски, кој што стана нов шеф на стручниот штаб на сениорската екипа на „црвено-црните".

„Сакам прво да се заблагодарам на раководството и на сопственикот на клубот за укажаната доверба да бидам директор на Академијата. Ќе се трудам да поставиме стандарди и системи кои долги години ќе останат како патоказ за идните генерации. Иако е најтешко да се работи со младите, сепак, кога ќе се воспостави еден систем и кога визијата ќе се спроведе на теренот, сметам дека ќе функционира беспрекорно", рече Христов.

Некогашниот фудбалер потенцира дека Академијата ги има сите услови младинските категории да се развиваат, и токму од неа првиот тим во иднина да ангажира играчи, на кои ќе го гради костурот и играта во иднина.

„Пред сè главна цел ќе биде да направиме Академијата да биде главен извор на сениорскиот тим на Вардар. Имаме прекрасни услови за работа, имаме добар тренерски кадар, ги имаме сите предуслови Академијата да биде прв избор на сениорите за нови играчи. Најпрво да се создадат првотимци на Вардар, а потоа и репрезентативци на Македонија. И на тој начин преку создавање на фудбалери, Академијата и клубот да почне да се самофинансира. Во моментов во првиот тим има неколку играчи од Академијата, и веќе неколку месеци наназад зема играчи од младинските категории, кои во иднина ќе бидат костурот на екипата", рече Христов.

Најново во Фудбал