МОМЕНТИ ВО 2018 КОИ ЈА ОДБЕЛЕЖАА ДОМАШНАТА ФУДБАЛСКА СЦЕНА

Илчо си замина од ФФМ, Пандев, двојната круна на Шкендија....

*Вообичаено како и секогаш така и во оваа година беше интересно во мак – фудбалот. Белег на годината секако дека е оставката на Илчо Ѓорѓиски од ФФМ, Пандев јавно кажа дека би можел да биде на чело на Федерацијата, потоа двојната круна на Шкендијa...и уште многу, многу други настани.

објавено: 31 декември 2018 - 11:30

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Во изминатите 12 месеци беше доста интересно на домашната фудбалска сцена. Почнувајќи од случувањата во ФФМ, потоа рекордите на Шкендија, настаните во Вардар, но и многу други работи. Случувања кои кажуваат дека и покрај падот на квалитетот во Првата лига, намалената посета, сепак не беше така досадно, напротив.

„Спортмедиа" ќе се обиде да ве потсети на се она што беше најзначајно во 2018 година.

-ОСТАВКАТА НА ИЛЧО ЃОРЃИОСКИ:
Во јули како гром од ведро небо, само за оние кои не ги знаат домашните и не само фудбалски прилики, одекна веста дека Илчо Ѓорѓиоски по шест години на чело на ФФМ си поднесе оставка. Официјалната причина, така барем беше кажано, е таа дека сега веќе екс претседателот на ФФМ ќе оди во УЕФА. Илчо си замина непобеден, сите оние кои не го „мирисаа" се израдуваа на неговото заминување. Треба да помине уште некое време за да од „историска дистанца", објективно го разгледаме неговото раководење со ФФМ.

-СЕЈДИНИ КАКО В.Д. ЈА ВОДИ ФЕДЕРАЦИЈАТА:
Мухамед Сејдини веќе пет месеци е на чело на Фудбалската Федерација на Македонија. Некогашниот заменик на Ѓорѓиоски, сега како в.д. претседател, ја предводи Федерацијата. Во негово време нашата најдобра репрезентација избори бараж за пласман на ЕП 2020 преку Лигата на Нации. Сега засега Мети коректно и со многу жар и желба ја одработува работата на задоволителен начин.

-ПАНДЕВ ЈА НАЈАВИ КАНДИДАТУРАТА ЗА ПРВ ЧОВЕК НА ФФМ:
Во септември, непосредно пред стартот на Лигата на Нации, од Гибралтар капитенот Горан Пандев, веројатно нашиот најдобар фудбалер во историјата, јавно порача дека нема ништо против да застане на чело на Фудбалската Федерација на Македонија. Со тоа ги шокира, а најмногу, и тоа негативно, оние кои веќе со години се борат за да дојдат до фотелјата на најбогатата и најмоќната спортска федерација во Македонија. Јавноста му даде голема и силна поддршка на Пандев.

-КОСТОВ, СТАНОЈКОВИЌ, ТАСЕВ, ХАРИ НЕ МОЖЕ:
Многу „игри" беа во игра, многу препукувања, јасно и нејасно беше кој се може да дојде на чело на ФФМ преку „легален" пат. И кога се чинеше дека ете Сашко Тасев „победи", се случи „полноќната журка" во ФФМ каде беше решено да се оди по легален пат. Па така беше изменет и дополнет статутот и тоа на Собрание кое се одржа во Охрид. Сега секој може да се кандидира, Влатко Костов, Вујадин Станојковиќ, Сашко Тасев и други, но не и Хари Хаџи-Ристески, барем според новите правила на играта. Така велат пропозициите. Нема лутење...нели.

-2018 ГОДИНА ВО ЗНАКОТ НА ШКЕНДИЈА:
На Шкендија, поточно на „Еколог" како газда на моментално најдобриот клуб во Македонија, и беа потребни цели 4-5 години да се закити со епитетот најдобар. И успеа. Како никогаш досега во нашата Прва лига една екипа не беше така доминантна. Не се памети во модерниот фудбал во Европа шампионот да ја освои титулата со +35 бодови предност пред вториот. И тоа не беше се од Шкендија, имено тетовци надмоќно го освоија и Купот на Македонија, одмаздувајќи му се на Пелистер за ланскиот пораз и тоа со 3:0 во финалето, исто во Струмица. Мај беше месец на славење и сумирање на рекордите во Шкендија. Да не заборавиме дека тетовци се и есенски прваци во тековната сезона, со пет бодови предност пред Вардар и тоа без помошта на еден Марјан Радески, а потоа и без Бесарт Ибраими кои ги скинаа лигаментите.

-ЃОРЕ, ЏИЏИ, ЃОКО...:
Некогашните селектори почнаа да се враќаат во Првата лига. Прво тоа го направи Ѓоре Јовановски кој во април по третпат седна на клупата на Работнички, но издржа само до октомври кога по слабите резултати се раздели со „романтичарите". Во тој месец и Никола Илиевски – Џиџи по долго отсуство од Првата лига, беше ангажиран од страна на Ренова. Нешто подоцна Мирсад Јонуз доби ангажман во Грција а Беласица пак го сакаше Ѓоко Хаџиевски, имаше и разговори и преговори.

-МУАРЕМ ДОПИНГУВАН:
Во јули одекна нов допинг – скандал во мак-фудбалот. Муарем Муарем, новиот фудбалер на Шкупи, некогашен репрезентативец, одигра само два меча и тоа со Глазгов Ренџерс, по што „падна" на допинг – тестот. Тоа беше шок за него, тоа беше шок за новото и амбициозно раководство на чаирчани. Официјално казната се уште не е изречена, но се знае, Муки веројатно ја заврши својата кариера.

-ЈАНЕВСКИ, БАБУНСКИ, ВАСОСКИ:
Три клупски легенди на Вардар го предводеа „црвено – црниот" тим, во, се чини најтешките моменти во клубот во последно време. Чеде Јаневски, Бобан Бабунски и Александар Васоски. Некогаш големи играчи, сега познати тренери но сите тројца беа немоќни да се справат со сите проблеми со кои се соочуваше Вардар. Најмладиот од нив, Васоски, како да има најголема желба, но до кога ќе биде така останува да се види.

-СИТЕ ПРИЗНАНИЈА ЗА ШКЕНДИЈА:
Декември е месец за сумирање на резултатите, за прогласување на најдобрите. Па така и ФФМ во својата традиционална свеченост, во една гала манифестација се погрижи најдобрите да ги добијат заслужените признанија. И Шкендија, и само Шкендија. Најдобар фудбалер – Ибраими, најдобар стрелец – Ибраими, најдобар тренер – Османи, најдобар млад играч – Фазлагиќ, најдобар млад тренер – другиот Османи, најфер екипа – Шкендија, најдобар клуб во младински фудбал – Шкендија. Барди доби признание за најдобар репрезент во странство, Пандев со специјално признание а Кире Гогов од Кит Го, беше проласен за најдобар фудбалски работник.

-МУСЛИУ ПРЕКУ ПРИШТИНА ВО ТЕТОВО:
Дека во Вардар одредени луѓе, пред се тука мислиме на Извршниот директор, претседателот, спортскиот директор, техничкиот директор, не си ја работат својата работа, доказ е тоа како Висар Муслиу си замина. Најдобриот стопер во нашиот фудбал, човек кој сега вреди на пазарот најмалку 500.000 евра во вид на отштета, преку Приштина му побегна на Вардар и се пресели во Шкендија, во таборот на лутиот ривал. Шах – мат доби Вардар од страна на тетовци. За ова требаше целата менаџерска структура на Вардар да си поднесе оставка, но тие продолжија да „продаваат фудбал" без разлика на искреното и заслужено лутење на спонзорот, кој имаше право да си каже – „па добро каде ги најдов овие аналфабети. Ни асолен трансфер не знаат да реализираат".

-СЛУЧАЈОТ „ФАЗЛАГИЌ":
Енис Фазлагиќ, односно случајот „Фазлагиќ" беше во центарот на вниманието во март месец. Познато е правилото во мак – фудбалот еден тим да го започне мечот со најмалку еден играч под 21.година. На дуелот Шкендија – А. Пандев така и беше. Фазлагиќ доби црвен картон, до крајот на првиот дел тетовци немаа играч помлад од 21.година на теренот. А. Пандев и Вардар се жалеа, но не ја добија битката на „зелената маса". ФФМ процени дека Шкендија била во право, и со право. Имено Шкендија си ги испочитува прописите. Како последица на тоа Вардар беше лут па неколку натпревари ги одигра со младинци во знак на протест.

-ВАРДАР ДОБИ УСЛОВНА КАЗНА ОД УЕФА:
Пред неколку денови нова „бомба" го детронизираше Вардар, овојпат таа дојде од УЕФА. Поради непочитување на финансискиот фер – плеј, Вардар е казнет со 100.000 евра и ако до 31 јануари не го исплати долгот, кој е милионски, клубот од Скопје нема право да игра во Европа во следните две години, но само кога ќе избори пласман. Уште еден шок за вардарци. Каде ли сега ќе најдат околу 1.500.000 евра, а некои велат дека таа сума трипати е поголема.

-РАБОТНИЧКИ СО НОВ СПОНЗОР:
ФК Работнички, еден од нашите најголеми клубови, втор најтрофеен во самостојна Македонија, покажа дека знае како се работи со тоа што привлече еден моќен спонзор во своите редови. Во времето кога клубовите молат за некоја паричка, еден „Сеавус" влезе во клубот од Градски парк како спонзор. Добрите фирми немаат ништо против да вложуваат во добри и здрави клубови. Па затоа сега Работнички потпиша со Илијоски, со Дулгеров, со Барбоса, деновите што следат ќе има уште неколку трансфер „бомби". Нема што, Работнички прави моќен тим.

-ХАСАНИ СО МИЛИОНСКИ ТРАНСФЕР ВО С. АРАБИЈА:
Ферхан Буба Хасани по три години престој во Шкендија, направи трансфер во Ал – Раед (С. Арабија). Ништо необично, но необично е тоа што Буба сега е еден од најплатените наши спортисти. Тој во Саудиска Арабија заработува 1.200.000 евра годишно. Арапите знаат да го одврзат кесето за такви мајстори како што е Хасани. И се разбира „Спортмедиа" ја имаше светската ексклузива за овој трансфер.

-ПОЛУФИНАЛЕ ВО КУПОТ БЕЗ „ГОЛЕМИТЕ":
Шкендија загуби една титула од лани, таа во Купот. Сензационално беше елиминирана од Победа. Македонија ЃП пак ги елиминира најтрофејните, Вардар и Работнички, и сега некој ќе каже па какво е тоа полуфинале во Купот кога ги нема „големите". Дуелите меѓу А. Пандев – Победа и Беласица – Македонија ЃП ќе ги дадат финалистите во завршниот меч за пехарот во Купот на Македонија.

-ИСТАТОВ ЗАМИНА ВО ВЕЧНОСТА
Оваа 2018 ќе ја паметиме и по тоа што останавме без Благој Истатов. Великанот на мак – фудбалот, големиот Благој кој имаше срце како планина. Некогашниот голман на Беласица, Партизан, Утрехт, репрезентативец на Југославија, подоцна тренер и фудбалски работник. Секоја чест голем човеку, чест ни беше да те имаме и познаваме во наше време.

Најново во Фудбал