ФУДБАЛЕРОТ НА ШКЕНДИЈА ЌЕ МИСЛИ САМО НА ПОБЕДА ПРОТИВ СВОЈОТ ПОРАНЕШЕН ТИМ

Имери: Респект за Работнички, емоции не

објавено: 8 ноември 2014 - 12:48

Шкендија мора да слави против шампионот Работнички доколку сака да остане блиску до лидерот Вардар, но и да му се доближи на утрешниот противник на само еден бод на прволигашката табела. По несреќниот пораз од Ренова минатиот викенд со пенал во финишот, тетовци сега бараат рехабилитација против „романтичарите“.

Очекувам да бидеме на вистинското ниво против одличниот тим на Работнички. За нас овој дуел е многу важен по оној пораз од Ренова. Нема да биде лесно, но ние веруваме дека можеме да освоиме три бода со помош на нашата верна публика“, вели Демир Имери.

Младинскиот репрезентативец на Македонија минатиот јануари токму од таборот на Работнички се пресели во редовите на Шкендија. Тој вели дека нема да има сентименталност, бидејќи професионалниот спорт не признава такви работи.

Респект да, емоции не. Ние сме професионалци и не смееме да си дозволиме да не совладаат емоциите. Поминав убав период во Работнички, со сите сум во добри односи и така ќе продолжат работите и понатаму, но за 90 минути секој ќе си ја гледа својата работа“, додава 19-годишниот фудбалер.

Шкендија сезонава не блеска на дерби натпреварите, а доколку сака да му биде конкурент на Вардар за шампионската титула мора да победува и против главните ривали за врвот. Пред две недели славеа против Металург, што е единственото дерби кое го добија сезонава.

Ќе ве поправам малку, затоа што ние еднаш го победивме и Вардар во Купот, иако тој резултат не беше доволен да продолжиме понатаму. Но, во право сте кога велите дека треба да играме подобро. Секако дека се очекува повеќе од нас и да играме како што треба. Ги имаме сите предузлови, имаме добар тим, но ете се случи резултатите да бидат такви какви што се. Но, тоа што поминало не може да се врати, наше е да се обидеме да бидеме подобри во иднина. Се надевам дека тоа ќе биде уште од утре, кога очекуваме три бода од дуелот со Работнички“, завршува Имери.

Б.К.

Најново во Фудбал